Царовска: Ќе се бориме со сиромаштијата, постои политичка волја
Екстремните форми на сиромаштија мора да се искоренат. Никој не смее да остане без храна, облека и покрив над глава, порачува по повод Светскиот ден на борбата против сиромаштијата министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Борбата против сиромаштијата, наведува, е наш најголем предизвик. Во Македонија, како што наведува, 21,5 проценти од населението живее во сиромаштија, а целта е на среден рок стапката на сиромаштија да се намали под 16 проценти во 2020 година.
- Македонија е со Устав дефинирана како социјална држава, но во реалноста, системот често затајува. Нашата главна обврска е да излеземе во пресрет на најранливите, а со тоа и најпогодени од сиромаштијата. И тоа не само преку парична помош, туку и со нивно вклучување на пазарот на труд. Само така вистински се прекинува кругот на сиромаштија од генерација во генерација - истакнува Царовска.
За исполнување на целта за намалување на стапката на сиромаштијата, како што наведува, клучен е економскиот развој кој ќе значи повеќе средства и услуги за сите.
За позначајни резултати на ова поле е потребно време, но, како што наведува, кога постои политичка волја, некои работи може да се менуваат веднаш-како што е кратењето на непродуктивни и неразумни трошоци.
Според Царовска, во Македонија за жал не се сиромашни само оние кои што немаат работа, туку и голем број вработени, а токму затоа се важни мерките за зголемување на минималните приходи. За да успее борбата против сиромаштијата на младите мора да им се гарантира перспектива, можност да работат и напредуваат дома, за да запре нивното иселување, а треба многу да се работи и на подобрување на економската позиција на жените во нашето општество, како и на квалитетно и достапно образование и социјални услуги блиски до граѓаните, наведува министерката за труд и социјална политика Мила Царовска по повод Светскиот ден на борбата против сиромаштијата.
