Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЦАРИНСКИТЕ СТАПКИ ЗА ИНДУСТРИСКИ СУРОВИНИ ЌЕ СЕ НАМАЛАТ - шанса за македонската индустрија

ЦАРИНСКИТЕ СТАПКИ ЗА ИНДУСТРИСКИ СУРОВИНИ ЌЕ СЕ НАМАЛАТ - шанса за македонската индустрија

Измените на Законот за Царинската тарифа стасаа во Собранието на Република Северна Македонија и со нив се најавуваат олеснувања за домашната индустрија, со намалување на царинските стапки за суровини и репроматеријали кои се користат во преработувачката индустрија. 

Очекувањата се дека мерката ќе ја подобри конкурентноста на македонските компании на странските пазари и ќе го поттикне домашното производство.

Сепак, спроведувањето на законот ќе предизвика фискален ефект врз државната каса, со намалени приливи проценети на околу 330 милиони денари помалку на годишно ниво, односно приближно 5,37 милиони евра. 

И покрај тоа, се очекува позитивно влијание врз економијата преку зголемување на продуктивноста, намалување на трошоците за увоз на критични компоненти и репроматеријали, како и стимулирање на инвестиции и отворање нови работни места.

- Измената на Законот за Царинската тарифа се направи во консултации со Стопанската комора на Република Северна Македонија и истата претставува продолжување на водењето на царинската политика во насока на поддршка на бизнис заедницата преку продолжување на усогласувањето на царинските стапки на најприоритетните суровини и репроматеријали кои се употребуваат во преработувачката индустрија. Наведената законска измена е во насока на зголемување на конкурентноста на домашните компании кои извезуваат на странските пазари и зголемување на македонскиот извоз како и зголемен девизен прилив, а се очекува и зголемување на инвестициите и бројот на вработувањата - се посочува во законското решение доставено до пратениците. 

Со измената се овозможува постепена хармонизација на царинските стапки со оние кои се применуваат во Европската унија, прилагодено на потребите на македонското стопанство. Новите одредби ќе придонесат за поддршка на домашните компании од клучните индустриски сектори, вклучително автомобилска индустрија, метало-преработувачка индустрија и металургија, кои ќе можат поефикасно да ги користат суровините и репроматеријалите за производство на високо-финални производи.

Оваа мерка е дел од долгорочната стратегија за поддршка на домашното производство и развој на индустријата. Намалувањето на царинските стапки се очекува да овозможи поголема ликвидност за компаниите, да ја зголеми нивната извозна конкурентност и да го поттикне развојот на технологијата и модернизацијата на производствените капацитети.

- Со последната измена на овој закон Службен весник бр. 130/25 се изврши намалување на царинските стапки до 50% од нивото на царинските стапки кои важат во Европската унија. Предлог на закон предвидува да се изврши дополнително целосно намалување на царинските стапки до нивото на царинските стапки кои важат во Европската унија, со што ќе се придонесе и за поголема усогласеност со Царинската тарифа на Европската унија и во делот на царинските стапки, а притоа имајќи ги предвид и правилата на Светската Трговска Организација - се прецизира во законското решени. 

На овој начин, македонските компании ќе добијат стабилна правна рамка за плански развој, без непотребни трошоци за царински обврски и административни бариери.

- Значајни сегменти кои се опфатени со новиот Предлог на закон е дека со истиот, ќе се намалат царинските стапки за поголем број на стоки, кои како суровини или репроматеријали кои се користат во домашните производствени капацитети, односно одделни производи (компоненти) потребни за производство на високо финални производи со цел да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија. Исто така, со намалувањето на царинските стапки директно ќе се помогне во секторите на автомобилска, метало-преработувачката индустрија и металургијата - се нагласува во законот. 

Законот ќе влезе во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а примената започнува од 1 јули 2026 година. Со ова се отвора можност за долгорочно стимулирање на домашното производство, намалување на трошоците и поттикнување на извозот, и покрај краткорочното намалување на приходите во државниот буџет.

П.О.

Слично

Поврзани вести