Царинска управа: Драги Рашковски сакал да премине граница со 20.000 евра во кеш
Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, сакал да пренесе поголемо количество на готовина преку граница отколку што е дозволено.
За Канал 5 од Царинската управа појаснија дека инцидентот се случил на граничниот премин Ново Село кон Бугарија. Тој сакал ови пари преку Кулата да ги пренесе на грчка страна. Во обидот за нелегално изнесување пари, тој бил задржан на ГП Ново Село , а вишокот пари му биле конфискувани. Од Царинската управа велат дека во овие моменти се прави таканаречена девизна постапка за случајот, а еврата биле најдени во возилото сместени до менувачот.
Претходно Рашковски на ФБ објави демант во кој вели дека не пренесувал пари во Грција и дека наводите во медиумите се невистинити.
„Во врска со некои натписи на медиумите дека сум задржан на граница со Грција се апсолутно невистина.
Станува збор за легално пријавени средства на царинскиот службеник со извод од банка кои се внесуваат во државата, а не се изнесуваат. Ве молам како медиуми да не ширите невистини“, објави Рашковски.
