„ЦАЦИ, ГОТОВА СИ“: Петровска добила вербална закана пред домот каде што живее
Автомобил со охридски регистарски таблички, синоќа околу 23 часот, пред зградата каде што живее, и ги пресретнал патот на пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, при што од возилото и била упатена вербална закана „Цаци готова си“.
Инцидентот го потврди Петровска во изјава за Слободен печат.
„Зборовите што ми ги упати беа ,,Цаци, готова си“. Во станица посочив дека нападот доаѓа после пратеничко прашање кое го поставив минатата недела во врска со дете одземено од неговата мајка и доделено старателство на таткото, но моето прашање не беше за самата судска пресуда туку за постапувањето на службеник од Центарот за социјални работи кој без да има таква одлука се обидел да го одземе детето од мајката и да го предаде на таткото. Причината поради која знам за ова е затоа што самата сведочев во два наврати дека детето не сакаше да се оддели од мајката, бидејќи таа живее кај мене на спрат“, рече Петровска.
