Цаца Николовска: Мисијата за независно судство не е невозможна, прашање е само на начин како ќе се изведе
Мисијата за создавање на независно судство во земјата не е невозможна, прашање е само на начин како ќе се изведе, вели Маргарита Цаца Николовска, потпретседателка на Врховниот суд на Босна и Херцеговина и поранешна судијка во Судот за човекови права во Стразбур, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Според неа, потребно е обемно преоценување на работата на судиите, па дури и на обвинителите, и на некои адвокати.
„Ние имаме судии коишто се избрани по тефтерче, ние имаме судии коишто пролетале низ сите судски инстанци, кои покажале на некој начин непрофесионално, неквалитетно право раздавање, ние имаме состојби на селективна правда, на две различни одлуки од ист судски совет, сето тоа се работи коишто укажуваат дека во одредена ситуација непристрасноста не била застапена. Што се однесува до изборот и во делот на независноста, исто така имаме проблематичен пристап и сето тоа со соодветно испитување може да се утврдат елементи и врз основа на тие елементи да дојде до разрешување на тие судии или дисциплински постапки“ - вели Цаца Николовска.
За упадот во Собранието смета дека и организаторите треба да бидат ставени под лупа. Самото упатување и самото водење во прес-центарот и она што се слуша во меѓусебните разговори, укажува дека има одредени елементи на други кривични дела, додава таа.
