Бундестагот загрижен дека кризата во Македонија може да се претвори во меѓуетничка
Германскиот Бундестаг по добиените информации на министерството за надворешни работи расправаше за состојбите во Македонија и постои загриженост дека политичката криза може да прерасне во меѓуетнички и дека на долг рок земјата ќе има големи последици по економијата.
Според изворите на МИА, меѓу членовите на Комисијата, едногласно е заклучено дека има потреба Македонија да добие функционална влада во најскоро време не само за надминување на политичката криза туку и за да не се нарушува економската состојба.
Дел од пратениците оцениле дека Македонија не е доволно силна економски да си дозволи подолг период да нема целосно функционални владини институции.
Голем дел од членовите на Комисијата се согласни дека поради сложеноста на состојбите потребна е помош од надвор, но не со цел да се изврши притисок на некоја од политичките партии туку за да се помогне во процесот на медијација, сите фактори да дојдат на заедничка маса и при тоа да се почитуваат резултатите од изборите.
Помеѓу пратениците се развила дебата за виновникот за кризата во земјава. Левичарските партии, пред се, Социјалдемократите и „Левицата“ како главен виновник за кризата ја посочиле партијата ВМРО-ДПМНЕ, додека десничарските партии застанале во одбрана.
Комисијата немала забелешки за анализата за состојбите во Македонија подготвена од германската дипломатија и смета дека сите политички фактори треба да седнат да разговараат аргументирано за да најдат решение за кризата без притоа да искажуваат осуда за своите политички противници.
