Бундестагот го фрли мамецот за уставни измени: Го призна македонскиот јазик и идентитет со резолуција
Германскиот Бундестаг синоќа ја усвои резолуцијата за поддршка за евроинтеграцијата на Македонија со признание на македонската култура, идентитет и јазик. Резолуцијата што ја поднесоа парламентарните групи на трите владејачки коалициски партнери – Социјалдемократите, Зелените и Либералите, вклучува и конкретни препораки до Владата на канцеларот Олаф Шолц во однос на европската перспектива на земјата.
Германскиот парламент со мнозинство гласови на пратениците на трите владејачки партии, германскиот парламент го изгласа декларативниот акт како поддршка на Македонија за време додека се бара двотретинско мнозинство во македонското Собрание за уставни измени.
Интересно е тоа што против резолуцијата гласаа сите опозициски партии, вклучително и конзервативната ЦДУ/ЦСУ на поранешната канцеларка Ангела Меркел, со изговор дека ситуацијата е сензитивна во моментов и дека не треба да се издвојува само една земја од Западен Балкан.
„Со оваа резолуција им оддаваме длабока почит на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја“, порача од говорницата државната министерка во германското МНР, Ана Лирман која го претстави предлогот пред пратениците. Лирман најави дека наскоро повторно, по четврти пат во последната година, ќе дојде во Скопје заедно со нејзините колеги од Франција и Полска во обид да се охрабрат уставните измени.
- Граѓаните ја губат вербата во ЕУ перспективата. Мора да ја вратиме довербата во ЕУ и да ги искористиме сите можности за да ги охрабриме нашите партнери во Северна Македонија, рече Ана Лирман, министерката за надворешни работи, пред Бундестагот, порачувајќи дека промената на Уставот не го загрозува македонскиот идентитет, туку напротив, го зајакнува мултиетничкиот карактер на државата.
„Северна Македонија е мултиетнички модел. Германскиот Бундестаг ги признава македонската култура, идентитет и јазик. Во Европската Унија, која се карактеризира со голема разновидност на јазици и култури, јазиците се составен дел од нашето заедничко културно наследство. Јазичната разноликост се практикува во повеќејазичноста на програмите и во работата на институциите. Македонскиот јазик и култура дополнително ќе ја збогатат оваа разноликост. Европската унија го смета зачувувањето и заштитата на ова богатство како една од нејзините најважни задачи, се вели во резолуцијата“, пишува во дел од резолуцијата која синоќа беше изгласана од германските пратеници.
