Бун тврди дека нови барања од Софија нема да има, а Македонија може да биде успешна како Полска
Претставниците од „Вајмарската тројка“ тврдат дека по уставните измени, Бугарија нема да наметнува нови барања за Македонија на патот кон Европската Унија (ЕУ). Велат дека Македонија потоа автоматски ќе се најде на патеката на пристапување.
„Северна Македонија припаѓа на семејството на ЕУ, одлуката е во ваши раце, сега треба да се направи чекорот“, изјави денеска државната секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција, Лоранс Бун на заедничката прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и останатите претставници од „Вајмарската тројка“, министерката за Европа и клима на Сојузна Република Германија Ана Лирман, како и министерот за ЕУ на Република Полска, Шимон Шинковски вел Сенк.
Според неа, 2030 година е реална цел за македонското членство во ЕУ. Нејзина оценка е дека Македонија има можност за да напредува кон Унијата и наскоро да се приклучи кон ЕУ. Таа се наврати на деведесетите години и случајот со Полска.
„Во 1990-ите мои претходници сакаа да помогнат на Полска за пристапување кон ЕУ и гледате колку е успешна Полска и сметаме дека тоа е исто така можно и за Северна Македонија. Северна Македонија има апсолутно се за да напредува во ЕУ и наскоро да се приклучи кон ЕУ и за нас и за вас има конкретни придобивки, секако нови работни места, слободно движење за сите и вклучувајќи ја безбедноста и стабилноста на ЕУ“, рече Бун.
Маричиќ вели дека не бараат ништо друго освен заслуженото место во ЕУ.
„Да се погрижиме да ги завршиме навреме обврските и да имаме план во догледно време за членство во ЕУ. Ова е добар момент за земја која ќе ги исполни условите да потврди со својот пример дека може да биде успешна приказна и за ЕУ и за целиот регион“, додаде тој.
Бугарското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека Софија нема нови услови за нашата земја, туку очекува исполнување на договореното. Во земјава, опозицијата се противи на уставни измени под бугарски диктат.
фото Фејсбук/ Бојан Маричиќ
