Бум од приговори за „Safe City“ - 476 случаи за еден месец! Еве кој најмногу се жалел
Основниот кривичен суд Скопје информира дека во првиот месец од примената на системот „Safe City“, односно во февруари, до судот се поднесени вкупно 476 приговори против издадени прекршочни налози за сообраќајни прекршоци.
Од нив, 431 приговор се поднесени од правни лица, а 45 од физички лица. По предметите постапуваат 16 судии од Одделот за прекршоци при Основниот кривичен суд Скопје.
Од судот појаснуваат дека сите приговори се навремено заведени и, согласно Законот за прекршоци, во рок од осум дена се доставени до Министерството за внатрешни работи за произнесување, што е предуслов за понатамошна судска постапка.
Поради тоа, засега нема донесено правосилни судски одлуки по сообраќајните прекршоци евидентирани преку системот „Safe City“, во случаи кога е поднесен приговор.
Најголем дел од приговорите се однесуваат на прекршоци за неприспособена брзина, поминување на црвено светло и управување со нерегистрирано возило.
Како посебен предизвик во постапувањето, судот ги издвојува приговорите од лизинг-компании за возила дадени на користење врз основа на договор за лизинг, како и од граѓани кои претходно ги отуѓиле своите возила, но не ги одјавиле во Министерството за внатрешни работи, поради што им биле издадени прекршочни налози.
Од Основниот кривичен суд Скопје наведуваат дека, имајќи ја предвид важноста и јавниот интерес за новиот систем за безбедност во сообраќајот, ќе продолжат да постапуваат по сите предмети во законски утврдените рокови и навремено да ја информираат јавноста за текот на постапките, како и за обврските што произлегуваат за граѓаните.
