БУЛИНГОТ НЕ Е ЗА ИГНОРИРАЊЕ: Како да препознаете дали детето е жртва на врсничко насилство
Врсничкото насилство е присутно, посебно во средните училишта низ земјава, но е присутно и во основното училиште, и на улица.
Деца најчесто во група од неколку, физички нападнуваат или најчесто со зборови омаложуваат деца кои се помирни, потивки во средината. Секоја форма на непосакувано и агресивно однесување во училиштата, кое не застанува таму, туку продолжува да ги следи децата во домот, преку интернет мрежите, социјалните мрежи се смета за врсничко насилство или така наречен булинг.
Родителите, а посебно професорите и наставниците во образовниот процес можат први да откријат дали некои ученици се жртви на булинг, вели психолог Бојана Стојменовиќ.

Според неа, професорите, односно наставниците можат да забележат дали врз некое дете се врши булинг. Доколку некое дете стане агресивно без посебен повод, или се впушта во тепачка со најчесто помали деца, или пак не сака да разговара со наставници за тоа што се случува, односно не сака да си ја сподели со професорите маката, тогаш е голема веројатноста детето да се соочува со врсничко насилство. Исто така, знаците кои ги покажуваат дека детето е жртва на булинг се и следниве:
- Има необјасниви модринки, исеченици, гребаници кои особено се појавуваат по големиот одмор.
- Облеката често му е оштетена, скината по големиот одмор или по часовите. Често и фалат некои делови од облеката.
- Училишниот успех се намалува.
- Детето често е само (само седи во клупа или е само на голем одмор) и често е исклучено од групите во одделението (врсниците).
- Покажува промени во однесувањето кога треба да зборува пред целото одделение (одбива или се срами).
- Покажува знаци на страв и несигурност.
- Често пати од другите деца во одделението е мета на задевање (со мимики или дофрлања).

И родителите можат во домот да забележат дали врз нивното дете се врши булниг, потенцира Стојменовиќ. Тие можат да ги забележат следниве знаци кои укажуваат на врсничко насилство:
- Има проблем со станувањето наутро за училиште.
- Не сака/ одбива да оди на училиште.
- Пројавува регрес во однесувањето (особено помалите деца во основно училиште).
- Ја менуваат рутината кога одат на училиште и уплашени се кога треба да одат сами. Често од вас (почесто од порано) бараат вие да ги однесете на училиште.
- Ги менуваат нагло навиките во однос на спиењето и јадењето.
- Многу често детето е плачливо, пројавува лутина и бес, го менува расположението и е анксиозно.
- Има модринки и рани по телото за кои не ви дава (не сака да ви даде) објаснување.
- Има стомачни болки.
- По училиште облеката му е прљава, оштетена или пак некој дел недостасува.
- Почнува од вас да бара повеќе пари за џепарлак или повеќе храна.
- Доаѓа дома многу гладно.
- Не сака да разговара со вас за училиштето, неговите пријатели или пак за неговата онлајн комуникација (преку социјалните мрежи; многу често булингот продолжува и таму по училиштето).

Психолог Стојменовиќ препорачува родителите и наставниците да имаат постојана комуникација со детето. Доколку забележат ваков проблем, според неа треба да се пристапи тимски, заедно сите да му помогнат на детето врз кое има вршено булинг, не треба да се решава проблемот индивидуално.
Фото: Verywell, democratandchronicle.com, WHYY
