Бујар Османи: Во М-НАВ само вербална пресметка
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во емисијата Клан дебата синоќа беше категоричен дека инцидентот во М-НАВ не бил ништо друго освен вербална пресметка меѓу колегите.
„Убеден сум дека постапката ќе докаже дека тоа не било ништо повеќе од кавга меѓу луѓе во колективот, која нема никаква врска ниту со ДУИ, ниту со политичките позиции на луѓето кои се инволвирани, ниту со политиката воопшто. рече меѓу другото Османи.
Прашан што ќе биде со Беким Незири, кој беше инволвиран во овој случај, а моментално е во домашен притвор, Османи рече дека очекува институциите да го расветлат случајот.
„Се надевам дека наскоро обвинителството и судот ќе го расветлат овој случај и процесот ќе продолжи како што започна“, изјави потпретседателот на ДУИ.
Состојбата во М-НАВ не била толку „црно-бела“ според Бујар Османи, кој додаде дека со последниот случај се создаваат многу теории на заговор кои се злоупотребуваат политички.
„Мислам дека како што избледува политичката димензија на случајот, ќе се види што имало и какви се односите на секој од нив“, рече Османи.
