Бујар Османи: Утре ќе се одлучи дали влегуваме во транзициската фаза
Бујар Османи, вицепремиерот за евроинтеграции, во емисијата „Утрински брифинг“ попладнево рече дека утре Владата ќе одлучи дали ќе стартува од понеделник таканаречената „транзициска фаза“ со која ќе започнат полабавите мерки против епидемијата Ковид-19 и отворањето на моловите и угостителските објекти кои веќе на големо го чекаат моментот.
- Овие два дена ќе бидат клучни за тоа. Денеска и утре ќе треба да видиме што ќе покажат резултатите од новозаболени на дневна основа во однос на тестирањата. Вчера имавме една бројка на висок процент на новозаболени во однос на тестирањата. Доколку денес и утре дневните резултати бидат поволни, нема причина зошто да не започне транзициската фаза, рече Османи.
Вицепремиерот рече дека за тоа треба да има двонеделен тренд од најмногу 5 отсто новозаболени во однос на бројот на тестирањата. Во изминатите 24 часа направени се 242 тестирања, а потврдени се 14 нови случаи на ковид-19
Владата денеска во 16 часот ќе одржи нова седница, на која ќе бидат разгледувани нови мерки за заштита и ширење на коронавирусот. Денеска се очекува Владата да донесе одлука околу полицискиот час викендов, како и во текот на идната недела.
