Бујар Османи: Предупредувањето од амбасадата на САД за 83 вооружени лица придонесе за мирни избори
Бујар Османи, министерот за надворешни работи, во гостувањето во емисијата „Утрински брифинг“ рече дека предупредувањето на амбасадата на САД за дојавата дека 83 вооружени осуденици може да го попречат изборниот процес придонело за мирни локални избори во првиот круг.
Според шефот на дипломатијата, ова предупредување од САД на самиот ден на локалните избори имало за цел да биде порака до сите во јавноста и затоа не одело само преку безбедносни и дипломатски канали.
- Ако тоа придонело било кои учесници да размислат два пати пред да направат некаков чекор што би го попречил изборниот процес, мислам дека тоа е добар чекор, рече Османи во емисијата.
Османи дополни дека пораката е до сите учесници во процесот.
- Американската администрација генерално е многу фокусирана на овие демократски процеси меѓу кои и изборите, а особено администрацијата во земјава бидејќи многу инвестираат во нив и не сакаат да се создаде дамка на процесот. Јас воопшто не би земал за зло на обидите превентивно да се преземе нешто отколку воопшто да не се реагира, одговори претходно Османи.
