Бујар Османи: Не сум прекршил ништо, јас немам работно време
Бујар Османи, министерот за надворешни работи, и натаму не ги прифаќа наводите од Државната комисија за спречување на корупција дека со министерско возило во тек на работно време учествувал во партиска кампања на ДУИ.
На денешната прес-конференција како одговор на новинаско прашање, тој рече дека нема зошто да очекува да биде повикан на одговорност од вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска.
„Нема никакво прекршување, зборуваме за нешто од пред година и пол, прес-конференција во тек на работно време на министер за време на кампања која се појавува во јавност после година и пол
Нека кажат дека министрите не треба да учествуваат во изборни кампањи и тогаш ќе ги смениме правилата, но тогаш и новинарите треба да се согласат дека прес-конференциите треба да ги одржувам навечер.
За министер нема работно време, тоа треба да се разреши внатре институционално. Моето работно врме е од 7.30 наутро до после 21.00“, рече Османи.
ДКСК на 18 јануари објави дека министерот Османи и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, користеле службени возила за партиски цели. Државната комисија за спречување на корупцијата се повикува на издадениот конечен извештај од извршената ревизија на регуларност на искажаните трошоци за службените возила во МНР од 1 август до 31 октомври 2021 година (во изборен процес) кој бил доставен до ДКСК на 3 мај 2022 година.
