Бујар Османи испрати предлог-иницијатива до Бугарија и Албанија за меѓусебно поврзување
Бујар Османи, министерот за надворешни работи на Македонија, на своите колеги од Бугарија и Албанија им ја понуди „Иницијатива 8“ за трилатерално економско-политичко зближување на трите земји, соопшти МНР.
Оваа мултидисиплинарна иницијатива како предлог на шефот на македонската дипломатија преку писмо е испратена до министерките за надворешни работи на Бугарија и Албанија - Екатерина Захариева и Олта Џачка,
Предлогот подразбира забрзување на инфраструктурните, енергетските и комуникациските инвестициски проекти долж Коридорот осум, изградба на политичка платформа за унапредување на меѓусебна соработка, интензивирање на политичката, економската, безбедносната, културната и општествената размена.
Станува збор за предлог платформа за трилатерална соработка меѓу Северна Македонија, Бугарија и Албанија и со истата би се интензивирала и продлабочила меѓусебната соработка, како стратешки интерес за трите држави.
Тоа треба да резултира со зајакнување на довербата меѓу трите народи и взаемното долгорочно пријателство, пишува во писмото на Османи до Захариева и Џачка.
- Отстранување на причините за постојаното одложување на овие проекти ќе претставува позитивен импулс за дополнителна политичка, економска, безбедносната, културна и општествена соработка меѓу трите земји, ќе има соодветен придонес и во унапредувањето на севкупната соработка и зајакнување на безбедноста во регионот, а ќе има особено влијание и врз заедничката цел за европските перспективи на целиот регион, се вели во предлогот на Османи.
Македонскиот МНР смета дека трите земји кои го повзуваат источното со западното крајбрежје на Балканот имаат обврска за надминување на географските, историските и
политичките бариери кои го отежнуваат
поврзувањето.
