Бујар Османи бара тајно гласање, но дали има волја за убедување на пратениците?
Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи во гостување на 1ТВ не ја исклучува опцијата за тајно гласање на пратениците доколку се постигне евентуален договор за двотретинско мнозинство за уставни измени.
Тој вели дека идејата е од таму што што со самиот повик на бојкот не беше гарантирана тајноста на референдумот, а пратениците што гласаа добиваа закани.
Претходно, анонимен висок владин функционер потврди за 1ТВ и Плусинфо дека премиерот Зоран Заев најверојатно нема да се сретне со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски во врска со уставните измени за Договорот од Преспа, со што речиси е извесно дека излез од постреферендумската криза ќе се бара во предвремени парламентарни избори.
Според него, Заев и СДСМ немаат намера да ги убедуваат Мицкоски и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните амандмани, особено по децидните ставови на опозицискиот лидер и пратениците дека нема да дадат поддршка за амандманите, како и по испорачаните услови од опозицијата за нов опозициски јавен обвинител, анкетна комисија за референдумските нерегуларности и Пржинска влада со целосен мандат.
