БУГАРСКОТО МНР ЗА ЗАПАЛЕНИТЕ ВОЗИЛА: Штетата ќе беше поголема ако бугарскиот конзул не интервенирал со апарат
Бугарското Министерството за надворешни работи (МНР) остро го осуди палењето на два автомобила на нивната амбасада во Скопје, оценувајќи дека станува збор за „демонстративен чин на агресија, кој го загрозува здравјето и животот на вработените во дипломатското претставништво“.
Непознато лице околу пладне ги запалило возилата. Оттаму велат дека штетата ќе била значително поголема ако немало навремена реакција од бугарскиот конзул кој интервенирал со апарат за гаснење пожар. Од бугарското МНР бараат брзо и фер спроведување на истрагата. Нагласуваат дека овој напад не е изолиран инцидент, туку резултат на агресивен политички говор и поттикнување омраза.
Во соопштението тие упатуваат критики до македонските институции поради, како што велат, недостатокот на соодветен одговор во претходни слични случаи, што создава чувство на неказнивост кај сторителите.
Од МНР на Бугарија потсетуваат на палењето на клубот во Битола, посочувајќи дека наместо соодветна казна, сторителот тогаш бил „прославен и вклучен во предизборна политичка кампања“.
Од бугарското МНР велат дека државата ќе ги искористат сите механизми за да се спротивстават на обидите за, како што велат, „создавање атмосфера на страв кај Бугарите во Република Северна Македонија“.
Македонската Влада го осуди инцидентот.Од македонското МНР најостро го осудија инцидентот и изразија очекување дека надлежните институции во брза, ефикасна и транспарентна истрага ќе ја утврдат одговорноста за настанот и соодветно ќе го санкционираат сторителот.
