Бугарското МНР реагира за како што го нарече криминалот од омраза
Бугарското Mинистерство за надворешни работи (МНР) го осудува оштетувањето на културниот клуб „Цар Борис Трети” во Охрид кое се случило ноќеска.
„Таквите постапки намерно ги попречуваат напорите за воспоставување пријателство, добрососедство и соработка како водечки принципи во односите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија (РСМ)“, соопштија од МНР на Бугарија.
Додаваат дека имињата на бугарските клубови не се причина за таа кампања и потенцираат дека „лидерот на најголемата опозициска партија во Скопје веќе отворено повикува на итно затворање на бугарските клубови само затоа што се бугарски, без разлика како се нарекуваат”.
„Убедени сме дека Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија ќе има навремена и соодветна реакција на она што се случи“, стои во реакцијата.
Случајот го нарекоа криминал од омраза. На официјалната страница на Клубот Цар Борис III – Охрид на Фејсбук денеска има најнови фотографии од демолираниот објект.Инаку, клубот и претходно беше оштетен, односно беше уништена таблата по што охриѓанецот кој го сторил тоа сам се пријави во полиција. Клуб со контроверзно име има и во Битола. Влезната врата на овој клуб ја запали пејачот Ламбе Алабаковски за што доби условна казна од шест месеци.
