БУГАРСКОТО МНР РЕАГИРА ЗА ИЗЈАВАТА НА НИКОЛОСКИ: Ја повикале македонската амбасадорка
Бугарија реагира до македонските власти за изјава дадена вчера. Министерството за надворешни работи на Бугарија информираше дека денеска е повикана амбасадорката на Република Северна Македонија во Софија, Агнеза Руси-Поповска за да ѝ биде пренесен протест поради, како што се наведува, вчерашната прес-конференција на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
„Од бугарска страна беше реафирмиран конзистентниот став во однос на европската перспектива на Скопје. За жал беше констатирано дека системските провокации и одбивањето да се исполнат обврските на официјални претставници на соседната земја дополнително ја оддалечуваат од почеток на преговори со ЕУ. Официјалниот и секој следен кабинет ќе ја продолжи природната линија на бугарската надворешна политика кон Република Северна Македонија, насочена кон гарантирање на човековите права и почитување на принципите на добрососедство“, се наведува во соопштението одбјавено на веб страницата на Министерството за надворешни работи на Бугарија.
