Бугарското МНР му реагира на Муцунски: Скопје дава нејасни и манипулативни изјави
Бугарското МНР тврди дека македонскиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски ја одбил поканата да дојде во Софија на 25 ноември 2025 за одбележување на делото на Свети Климент.
Ден по изјавата на министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, дека влијателни членки на ЕУ иницирале средба меѓу него и бугарскиот колега Георг Георгиев, но бугарската страна не одговорила позитивно, официјална Софија ги нарече наводите „нејасни и манипулативни“.
„Уште еднаш, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија зборува за ‘иницијатива на поголеми и повлијателни земји-членки на ЕУ’ за организирање состанок меѓу министрите за надворешни работи на Бугарија и Северна Македонија. Ова не е прв пат Скопје официјално да дава вакви нејасни и манипулативни изјави“, вели бугарското МНР.
Во соопштение Министерството за надворешни работи на Бугарија изразува „длабоко разочарување од континуираниот неконструктивен пристап на официјално Скопје и недостатокот на отвореност во комуникацијата со јавноста“.