Бугарското МНР ја повика македонската амбасадорка, за нив е неприфатливо да се прават списоци за забрана за влез
Бугарија реагира откако нејзини државјани не можеа да влезат во земјава. Во бугарското Министерство за надворешни работи денеска ја повикаа македонската амбасадорка Агнеза Поповска.
Министерот за надворешни работи Иван Кондов денеска ја повикал на средба во Министерството за надворешни работи амбасадорката Поповска. Кондов изразил загриженост и несогласување со постапувањето на граничните власти на Република Северна Македонија на граничниот премин Ново Село, кои на 6 мај не им дозволиле влез на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, на претседателот на Фондацијата „Бугарска меморија“ Милен Врабевски, како и на уште тројца бугарски државјани.
Од бугарска страна е констатирано дека е неприфатливо да се составуваат списоци за забрана за државјани на земја-членка на ЕУ. МНР очекува да биде информирано за критериумите според кои бугарските граѓани и европските парламентарци се вклучени во таквите списоци.
Македонското МНР, пак, во врска со овој случај денеска информира дека на 6 мај, на граничниот премин Ново Село, „поради неисполнување на условите за влез во Република Северна Македонија, во согласност со законот за странци, не било дозволен влез на група од петмина државјани на Република Бугарија“.
„Дополнително би сакале да нагласиме дека во оваа група со која патувал и европратеникот Андреј Ковачев, имало лица за кои во Министерството за внатрешни работи има сознанија дека претставуваат ризик по јавниот мир и безбедност. Европратеникот Ковачев не е меѓу нив, но надлежните служби донеле таква одлука поради групата со која патувал. Секој европратеник кој го почитува достоинството на државата и нејзините граѓани е добредојден во Северна Македонија“, стои во сопштението од макеоднското МНР.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи се приклучи кон осудите за забраната за влез во Македонија на европратеникот Андреј Ковачев. Вархеи на Твитер ја повика владата да ја појасни ситуацијата.
Инаку, Ковачев претходно има изјавено дека Македонија не треба да го слави 11 Октомври, почетокот на антифашистичкото востание, дека македонскиот јазик потекнува од бугарскиот, дека Македонците се Бугари, а Бугарија отсекогаш се протегала од Охрид до Црно Море.
