Бугарско МНР: Повредениот бугарски државјанин моментално е во стабилна, но тешкa состојба
Бугарија реагира за инцидентот кој се случи во Скопје, каде нивни навивачи провоцирале и добиле ќотек во Чаир.
Министерство за надворешни работи најостро ги осудува инцидентите од 27 јули во кои беа повредени бугарски државјани, приврзаници на ПФК „Левски“, а еден од нив е тешко повреден. Ова се наведува во ставот на бугарското Министерството за надворешни работи по настаните што се случија вчера пред и по фудбалскиот натпревар меѓу ПФК Левски и фудбалскиот клуб Шкупи од Скопје.
„Повредениот бугарски државјанин моментално е во стабилна, но тешка општа состојба и се опоравува по операцијата во болницата во Скопје. Претставници на бугарската амбасада се во постојан контакт со повредениот сонародник и неговите роднини, како и со локалните здравствени власти“, стои во соопштението на бугарското МНР.
Жалат што позитивниот и спортски дух на натпреварот помеѓу ПФК Левски и ФК Шкупи е нарушен со акти на агресија надвор од фудбалскиот терен.
„Очекуваме надлежните органи во Република Северна Македонија да ги преземат потребните активности за ефикасна истрага и спроведување на правдата во врска со тешката несреќа“, наведуваат од тоа министерство.
