БУГАРСКИОТ ПРОФЕСОР БЕЧЕВ: Ако Красимир Каракачанов омекне сега, ќе си направи политичко харикири
„Бугарија е во предизборна ситуација. Темата за Македонија не е водечка, но секој глас е важен. Ако Красимир Каракачанов ја омекне својата позиција сега, тоа би значело политички харикири, бидејќи партијата може да не влезе во следниот парламент“, изјави за бугарската редакција на радио Слободна Европа Димитар Бечев, виш соработник во Атлантскиот совет (САД) и професор на Универзитетот во Северна Каролина (Чапел Хил).
Втората причина за зацврстување на тонот, според Бечев, е фазата на европска интеграција во која се наоѓа Македонија.
„Историското искуство покажа дека земја-кандидат за членство во ЕУ има тенденција да прави најголеми отстапки, обично непосредно пред да започнат преговорите. Овој момент е клучен и ЕУ има силни лостови на влијание. Можеби во Софија сега си имаат речено дека е вистинско време да добијат максимални отстапки од македонска страна“, нагласил Бечев.
Според него, Софија тврди дека население, историски поврзано со Бугарија живее во Македонија.
„Ако целта е да се повлечат стереотипите и да се промени размислувањето, така што Бугарија не се доживува како стар непријател, туку како братска земја, оваа цел во моментов не е исполнета. Напротив, се постигнува токму спротивното“, коментира Димитар Бечев.
