Бугарскиот премиер го потврди датумот на доаѓање во Скопје
Премиерот на Бугарија Кирил Петков потврди дека на 18 јануари ќе ја посети Македонија, како одговор на пратеничко прашање на поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.
-Со одењето на разговори на 18 јануари покажуваме дека добрососедството е фундаментален принцип на нашите односи со Република Северна Македонија. Се надевам дека нашата Влада ќе ја покаже разликата меѓу добрите планови и постигнатите резултати, рече Петков во Народното собрание.
Преговорите со Скопје, според Петков, ќе се одвиваат онака како што е договорено во коалицискиот договор меѓу партиите во владејачката коалиција. Дополнително, вели тој, ставот е надграден со пет посебни различни комисии за надградба на овие односи.
Тој рече дека на Бугарија и Северна Македонија им е потребен заеднички културен календар и интеракција меѓу бизнис секторите на двете соседни земји.
