Бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ се согласи да го промени името
Бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид се согласил да си го промени името на еден ден пред истекувањето на законскиот рок.
Здружението веќе поднесе барање до Централен регистар за усогласување со измените во Законот за здруженија и фондации.
До пладне, културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола нема доставено барање за измени, потврдија за Телма од Централен регистар.
„До Централен регистар на 10.02.2023 година е доставен допис со барање за усогласување на работата на Здружение за афирмација на културните вредности на македонските бугари „Цар Борис Трети“ Охрид со измените и дополнувањето на Законот за здруженија и фондации. Постапката по барањето сè уште e во тек. За здружението „Иван Михајлов“ од Битола, не е поднесено барање“ информираат од Централен регистар.
Доколку имињата не се променат, Комисијата за употреба на имиња и Министерството за правда треба да започнат процедура за бришење на здруженијата од регистарот.
