Бугарскиот амбасадор Радуков повикан во МНР по средбата без македонско знаме
МНР денеска ќе го повика бугарскиот амбасадор во Скопје, Желјаско Радуков, да даде објаснување за фотографирањето на претседателите Румен Радев и Гордана Сиљановска Давкова.
На средбата завчера во Софија имаше само бугарски знамиња, а претседателката Сиљановска Давкова беше пречекана без македонското. Во македонската делегација беа и министрите за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и за култура Зоран Љутков.
За денеска во 11 часот е закажан и брифинг за медиуми на шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски за досегашните и идните активности, како и за актуелни прашања од доменот на работата на МНРиНТ.
Од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова во саботата најавија дека ќе побараат објаснување за фотографијата пред бугарското знаме направена во Кабинетот на претседателот на Бугарија иако, како што нагласуваат оттаму, ваков потег и чин не бил предвиден, ниту договорен.
Радуков како новоименуван амбасадор на Бугарија во Скопје на 10 септември и ги предаде акредитивните писма на претседателката Сиљановска Давкова, заменувајќи го досегашниот амбасадор Ангел Ангелов.
