Бугарскиот амбасадор кај Али Ахмети во седиштето на ДУИ
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, денеска во партиското седиште во Тетово го прими бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов, при што му пренесе дека „Владата прави фабрикувани дестабилизации и дека најавите од таму за наводни дестабилизации се провокација“.
На средбата се зборувало за патниот и железничкиот Коридор 8, уставните измени, за договорот за добрососедство со Бугарија и за изборните резултати.
„Истовремено, г. Ахмети истакна дека ДУИ е државотворна партија, а непостоечките тврдења на премиерот Мицкоски за сценарија за дестабилизација се невистинити и претставуваат намерни и опасни владини сценарија за обвинување други за да се дефокусира јавноста од недостатокот на резултати и секојдневни владини скандали.
ДУИ го докажа својот придонес за стабилноста и безбедноста и се спротивставува на секој политички инсценаторски обид за дестабилизација и ги повикува Албанците и другите да не станат плен на провокациите на власта без етнички легитимитет“,објави ДУИ.
Ахмети потсети дека албанската коалиција ВЛЕН ветила уставни измени за шест месеци по изборите и рече дека ДУИ останува посветена на евроинтеграциите.
„Соговорниците се согласија дека Коридорот 8 е регионален и евро-американски приоритет и затоа Владата треба без одлагање да ги продолжи проектите за патно и железничко поврзување“, се дополнува во соопштението.
