БУГАРСКИ МИНИСТЕР: Уставните измени и впишувањето на Бугарите во Уставот како државотворен народ не е единствениот услов
Бугарија нема да прави отстапки во однос на европскиот пат на Македонија. Но, оттаму велат дека уставните измени не се единствен услов за нашата земја.
Дека не се работи само за уставните измени потврди бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев во емисијата „Брисел 1“ на ТВ Бугарија ON AIR. Додава дека од нивна страна, работите се кристално јасни.
„Ние нема ниту да промениме нешто во нашето мислење, ниту пак има нешто што ќе го отфрли т.н. европскиот консензус кој беше постигнат во 2022 година. Оттука натаму се што би можело да биде направено како заеднички принос на сите држави кои сме се обединиле околу тој европски консензус – е добредојдено. Но треба да се знае дека членство во ЕУ базирано на заслуги е еден фундамент на целата ЕУ, околу кој и ние како Бугарија сме се усогласиле пред 20 години, кога сме биле во нашиот процес на европска интеграција. Тоа го очекуваме и од останатите. Многу е важно да се знае дека уставните измени и впишувањето на Бугарите во Уставот како државотворен народ не е единствениот услов“, вели шефот на бугарската дипломатија.
Рече дека си има „црно на бело“ кои се условите. Албанија ги почна преговорите со Европската Унија(ЕУ), а Македонија е блокирана. Претходно, Франција стави вето и не дозволи земјава да почне преговори, а потоа имаше вето од источниот сосед.
