БУГАРСКИ МЕДИУМ: Шлаканица за Скопје, нема пречка Бугарите да бидат во македонскиот Устав
За претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, нема законска пречка Бугарите да влезат во Уставот.
Таа во интервју за бугарската телевизија Нова oбјасни дека нема законска пречка граѓаните кои се чувствуваат како Бугари, Албанци, Срби или Турци, да се изјаснуваат како такви. Кацарска вели дека никому не му е попречено правото слободно да ја изразува својата национална припадност, вклучувајќи го и секој попис на населението.
„Како што споменав, Македонија е мултиетничка држава и можеби како ретко која земја во Европа ги впишала во Уставот сите граѓани, делови од народи кои живеат кај нас. Како човек лично јас апсолутно не ги делам луѓето по нивната националност и во никој случај мене како граѓанин не ми смета Бугарите, односно граѓаните на Република Северна Македонија коишто се чувствуваат како Бугари да бидат впишани во Уставот. Ако имате во предвид дека ние ја имаме потпишано Рамковната конвенција за националните малцинства на Советот на Европа, тоа значи дека ние ги признаваме правата на сите наши граѓани. Освен тоа во Македонија има високи европски стандарди токму во поглед на немнозинските заедници, тоа го говорат всушност и сите извештаи на релевантни институции, тука се мониторинг извештаите, годишните извештаи за напредокот на Република Северна Македонија, извештаите што се на многу невладини организации коишто работат токму за човековите права“, вели Кацарска.
На прашањето дали има забрана на бугарски културни клубови во земјава и како Европа гледа на тие случаи, Кацарска кажа дека со закон се точно утврдени критериумите за основање на здруженија на граѓани и притоа потсети дека Северна Македонија е земја што максимално ги почитува одлуките на судот во Стразбур, при што алудираше дека има држави што не ги применуваат насоките и пресудите на Европскиот суд за човекови права.
Македонија треба да направи уставни измени за да продолжи да преговара со Европската Унија (ЕУ).
