Бугарите од Македонија сакаат да бидат дел од групата за уставни измени
Здруженија на Бугарите во Македонија бараат вклучување во групата за уставни измени, јавува бугарската новинска агенција „БТА“.
Во писмо упатено до премиерот Димитар Ковачевски, тие го поздравуваат создавањето на работната група, која ја оценуваат како чекор напред кон решавање на прашањето за вклучување на Бугарите во преамбулата на Уставот, со што, се гарантираат правата и слободите на претставниците на Бугарите во земјава.
Потписниците на писмото бараат од Ковачевски да предложи во работната група да се вклучат и претставници на Бугарите во Македонија. Велат дека сакаат да го дадат својот конструктивен придонес во работата.
„Бугарскиот народ беше најконструктивниот елемент во остварувањето на вековниот сон за независна, демократска и суверена Република Македонија, држава на сите граѓани кои живеат во неа, без разлика на етничка, верска, политичка, општествена или која било друга припадност. Но, со донесувањето на Уставот на Република Македонија на 17.11.1991 година, а подоцна и со сите амандмани, беше направена голема историска неправда и бугарскиот народ беше изоставен од преамбулата на Уставот. Оваа историска неправда ќе се исправи за да ги уживаме сите права и слободи кои произлегуваат од највисокиот правен акт заедно со другите народи веќе вклучени во преамбулата на Уставот на Република Северна Македонија за заедно да градиме подобра иднина. во нашата земја во која живееме и заедно го чекаме денот кога ќе ја видиме како полноправна членка на ЕУ, а со тоа и како дел од прогресивниот западен свет“, се наведува во писмото до Ковачевски, поддржано од претставници на 12 здруженија на бугарската заедница, пишува „БТА“.
Последниот попис спроведен во 2021 година покажа дека во Македонија има 3.504 Бугари.
Од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со обвинувањата дека работната група за уставните измени е „составена од кадри кои гравитираат околу владејачката ДУИ и резервната СДС“. Експерите во среда или четврток ќе се состанат.Од СДСМ го повикаа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да престане да омаловажува професори и да понесе морална одговорност оти не учествува во ниту една државна одлука. За отворање на Уставот неопходно е во Парламентот да гласаат најмалку 80 пратеници. Без уставни измени нема напредок на европскиот пат.
