ВИКТОР СТОЈАНОВ MУ СЕ НАЛУТИ НА ВИДИНОВСКИ ЗА РЕПОРТАЖА СО МАКЕДОНЦИТЕ ОД АЛБАНИЈА: Кажувате дека нема Бугари, за тоа се одговара кривично
Претседателот на Бугарската фондација „Македонија“, Виктор Стојанов му се закани на новинарот Александар Видиновски за репортажа за Македонците во Албанија.
Бидејќи Видиновски во својот прилог кажува дека таму нема Бугари, Стојанов директно му се заканува дека треба да престане да лаже и дека тоа е кривично дело за кое се оди во затвор.

„Кажувате дека нема Бугари. За тоа се одговара кривично зошто има декларирани 7.080 Бугари.Треба ли да лежите затвор за да се научите да не лажете?“, стои во коментарот на Стојанов.
Инаку, по објавување на пописните резултати во Албанија кои покажаа дека има повеќе Бугари од Македонци, Виктор Стојанов објави видео на Фејсбук, на профилот на Фондацијата Македонија каде седи со едно момче кое тврди дека е Бугарин и кажува дека требало да го дадат на суд, Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ затоа што кажувал дека Бугарите делат бугарски пасоши на Македонците во Албанија. Пред и за време на пописот, македонските здруженија од Албанија тврдеа дека Бугарите делат мобилни, таблети, нудат пасоши, студии во Бугарија. Инаку, Бугарија изрази задоволство поради бројот на луѓе кои во Албанија се изјасниле како Бугари.
Министерството за нaдворешни работи и надворешна трговија најостро ги осудува заканите упатени на социјалните мрежи кон македонскиот новинар Александар Видиновски од страна на лицето Виктор Стојанов за репортажа објавена на телевизијата Канал 5.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги осудува директните закани кон колегата од Канал 5 телевизија Александар Видиновски и бара од надлежните институции да постапат по очигледната закана по безбедноста на новинарот.
