Бугарија го возвраќа ударот: Без Бугарите во Уставот – нема европски напредок
Бугарското Министерство за надворешни работи реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски во врска со Акцискиот план за правата на заедниците, наведувајќи дека прашањето на кој јазик е изготвен документот е внатрешно прашање на Македонија и не претставува тема на билатералните односи.
Во соопштение објавено на официјалната веб-страница на бугарското МНР се посочува дека Акцискиот план ќе го спроведуваат институциите на Македонија кон сопствените граѓани, па затоа, според Софија, логично е тој да биде напишан на јазик што е разбирлив и достапен за нив. Оттаму оценуваат дека одлуката документот да им биде презентиран на граѓаните на англиски јазик е тешко објаснива доколку целта е негова реална и целосна примена.
Реакцијата од Бугарија доаѓа по тврдењата на премиерот Мицкоски дека Акцискиот план бил изготвен уште пред неколку месеци со вклученост на европски експерт, но не бил прифатен од Софија. Тој викендов изјави дека единствената суштинска забелешка од бугарска страна се однесувала на тоа што документот бил напишан на македонски јазик, што, според него, укажува дека проблемите не се поврзани со исполнувањето на Копенхашките критериуми, туку се од подлабока политичка природа.
Во соопштението, бугарското МНР истовремено потенцира дека Акцискиот план за правата на заедниците треба да следи по внесувањето на Бугарите во Уставот на Македонија – чекор што, според Софија, сè уште не е реализиран и претставува предуслов за отворање на преговорите за членство во Европската Унија.
Од бугарската дипломатија ја поздравуваат и изјавата на Мицкоски дека во документот ќе бидат вградени сите други забелешки на бугарската заедница, при што наведуваат дека очекуваат премиерот да го исполни тоа ветување.
Мицкоски, од друга страна, нагласи дека ниту една друга земја членка на ЕУ, ниту пак некое малцинство во Македонија, не реагирало на содржината на Акцискиот план и дека единственото спорно прашање било јазикот. Тој истакна дека македонскиот јазик е мајчин и официјален јазик на државата, како и дел од меѓународната комуникација, додавајќи дека сите технички и политички барања биле исполнети.
Премиерот посочи и дека во изработката на Планот биле вклучени меѓународни експерти, меѓу кои и од Италија, а на барање од Брисел документот бил доставен до Бугарија и пред официјалниот рок, како гест на добра волја. Според него, актуелниот спор уште еднаш покажува дека станува збор за политички несогласувања, а не за заштита на малцинските права.
Акцискиот план за правата на заедниците е еден од чекорите што Македонија треба да ги реализира во рамки на пристапниот процес кон Европската Унија, а најновата размена на ставови повторно ги актуелизира сложените односи меѓу Скопје и Софија.
