БУГАЈСКИ: Вонредни избори се можен излез за Заев, но и ризичен потег
Американскиот аналитичар Јануш Бугајски оценува дека Скопје е ново руско упориште на Балканот како и дека Кремљ смета на тоа дека Македонија ќе стане нова Република Српска.
„Доколку се блокира македонскиот пат кон западните институции, националните тензии ќе пораснат во целиот регион. Кремљ ќе вложи дополнителна енергија да ги загрози кревките демократски достигнувања на Западен Балкан, а НАТО и ЕУ ќе бидат се подалеку“, рекол Бугајски.
Тој за „побједа“ рекол дека ниската излезеност на референдумот го довела во прашање договорот со Грција, но и отворената врата на ЕУ и НАТО, пренесе SEEbiz.eu.
„Доколку договорот не се поддржи земјата ќе биде се повеќе изложена на етничка радикализација, регионална нестабилност и мешање на Москва. Единствен излез на Заев може да биде повик за вонредни избори во ноември, иако тоа само по себе е ризичен предлог со оглед на тоа дека националистите се охрабрени со бојкот на референдумот“, рекол тој.
Исто така додава дека ако српскиот претседател Вучиќ и косовскиот претседател Тачи постигнат договор за промена на границите, некои албански лидери во Косово и Македонија може да видат шанса за понатамошна етничка хомогенизација, поврзување на територии.
„Национализам, сепаратизам ќе ја направат државата подложна на влијанијата на Русија. Москва во Македонија гледа свои упоришта за борба против НАТО и ЕУ. Кремљ може да смета дека Македонија би можела да порасне во втора Република Српска“, рекол тој.
