Економија, финансии, бизнис

Контакт

БУЏЕТСКИТЕ ПОТРЕБИ ЌЕ СЕ ПОКРИВААТ СО НОВО ЗАДОЛЖУВАЊЕ „ТЕШКО“ 260 МИЛИОНИ ЕВРА: Владата барала 300, позајмуваме од странски банки

БУЏЕТСКИТЕ ПОТРЕБИ ЌЕ СЕ ПОКРИВААТ СО НОВО ЗАДОЛЖУВАЊЕ „ТЕШКО“ 260 МИЛИОНИ ЕВРА: Владата барала 300, позајмуваме од странски банки

Владата ќе се задолжи кај странски банки со нов заем „тежок“ 260 милиони евра, средства со кои ќе се покриваат буџетските потреби, а дел можеби ќе се користат и за капитални инвестиции. 

Иако првично Владата преку Министерството за финансии планирала да обезбеди 300 милиони евра, сепак, по комплетирање на постапката, односно откако Министерството ја завршил постапката за избор на меѓународни банки и ги финализирале преговорите за заемот со група европски и светски финансиски институции договорен е заем во вредност од 260 милиони евра. 

Парите ќе бидат позајмени од странски банки, и тоа главен доверител е „Mерил Линцх Интернатионал“, а заемодавачи се појавуваат и германската КфВ ИПЕКС-Банк, шпанската Banco Bilbao Vizcaya Argentaria (BBVA), австриската Erste Group Bank и AKA Ausfuhrkredit-Gesellschaft.

- Со Заклучок од 149-та седница на Владата на Република Северна Македонија одржана на 10.2.2026 година, Владата го задолжи Министерството за финансии во рок од 10 дена да ја отпочне постапката за избор на странски комерцијални банки и да ангажира правни советници со цел спроведување на постапката за задолжување на Република Северна Македонија со склучување на договор за заем со странски комерцијални банки во износ до 18,45 милијарди денари (300 милиони евра), кој ќе биде наменет за општи буџетски потреби, вклучително и за финансирање на капитални расходи и рефинансирање на обврски утврдени во Буџетот на Република Северна Македонија, по скратена постапка буџетска подршка. 

Постапувајќи по горенаведениот заклучок, Министерството за финансии на 13.02.2026 година подготви и достави барање до 14 меѓународни банки со релевантно искуство во суверени трансакции и синдицирани заеми - се посочува во предлог законот за заем доставен во Собранието. 

Во зададениот рок на 18 ти февруари, пристигнале вкупно 8 понуди од инвестициски банки, а по спроведената детална еваулација било утврдено дека понудата на Мерил Линцх Интернационал е најповолна. 

- Понудените финансиски услови, пристапот кон реализација и целокупниот финасиски пакет беа оценети како најповолна комбинација во однос на цената, структурата и сигурноста на реализација за Република Северна Македонија - се наведува во образложението на предлог законот.

Покрај „Mерил Линцх Интернатионал“, како заемодавачи се појавуваат и германската КфВ ИПЕКС-Банк, шпанската Banco Bilbao Vizcaya Argentaria (BBVA), австриската Erste Group Bank и AKA Ausfuhrkredit-Gesellschaft.

Преговорите за договорот биле завршени на 13 мај годинава, а за негово стапување во сила е потребно Собранието да го усвои Законот за задолжување.

Според предложените услови, Македонија ќе ги повлече средствата во една транша, а рокот за отплата ќе биде седум години, со три години грејс период. Исплатата ќе се врши во девет еднакви полугодишни рати.

Каматата ќе биде варијабилна и ќе се пресметува како шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за 2,10 проценти. Дополнително, државата ќе плати еднократна провизија од 1,4 проценти од заемот, како и годишна провизија од 12.500 евра кон агентот на заемодавачите.

Во документот се наведува дека целта на задолжувањето е „обезбедување стабилно финансирање на буџетот, одржување на фискалната стабилност и подобрување на управувањето со јавниот долг“.

- Основно начело врз основа на кое се заснова овој предлог-закон е обезбедување средства за општи буџетски потреби, вклучително и за финансирање на капитални расходи и рефинансирање на обврски утврдени во Буџетот на Република Северна Македонија, под поволни услови - стои во предлог-законот.

Новото задолжување доаѓа во период кога државата има засилени буџетски потреби, а дел од средствата ќе се користат и за сервисирање на постојни обврски.

П.О.
Слично

Поврзани вести