Економија, финансии, бизнис

Контакт

БУБЕВСКИ СО РЕАКЦИЈА НА ИЗЈАВИТЕ НА КАДРИУ: „ Јас никогаш во мојот живот не сум имал четири мобилни телефони“

БУБЕВСКИ СО РЕАКЦИЈА НА ИЗЈАВИТЕ НА КАДРИУ: „ Јас никогаш во мојот живот не сум имал четири мобилни телефони“

Јавниот обвинител Гаврил Бубевски најостро ги демантираше, како што вели, „клеветите и измислените наводи“ изнесени од адвокатката Лејла Кадриу во интервју во емисијата „Вечерното шоу на Богдан Илиевски“ на ТВ Алфа, емитувано на 7 февруари 2026 година.

Во писмена реакција, Бубевски наведува дека изјавите што се однесуваат на неговото постапување и на работата на поранешното СЈО се невистинити и имаат за цел да му наштетат на личниот и професионалниот углед.

„Наводите кои се однесуваат на моето постапување и на работата на поранешното СЈО се невистинити и креирани со цел да наштетат на мојот личен и професионалниот углед“, наведува Бубевски.

Тој информира дека веднаш по емисијата иницирал постапка со која побарал извинување од Кадриу за, како што ги нарекува, „јавно изнесените лаги“, и најавува дека доколку не добие извинување во законскиот рок, ќе поднесе граѓанска тужба за клевета.

„Доколку не добијам извинување во законски предвидениот рок, ќе поднесам граѓанска тужба за клевета и во суд ќе се докаже дека сѐ што беше кажано во наведената емисија е апсолутна невистина“, истакнува обвинителот.

Бубевски ги отфрла и наводите дека користел повеќе мобилни телефони.

„Вистината е дека јас никогаш во мојот живот не сум имал четири мобилни телефони. Додека бев јавен обвинител во СЈО имав еден телефонски број, кој го користев за цело време додека бев во тоа обвинителство. По враќањето во ОЈО Скопје исто така користам само еден телефон“, наведува тој, додавајќи дека неговиот приватен број им е познат на новинарите и граѓаните, бидејќи верува во начелото на транспарентност.

Во реакцијата се осврнува и на наводите поврзани со предавањето на прислушуваните материјали во СЈО, нагласувајќи дека лично не бил присутен во дел од ситуациите што биле споменати.

„Во голем дел од ситуациите кои беа претставени, како што е предавањето на прислушуваните материјали во СЈО, јас лично воопшто не сум бил присутен, за што имам и соодветни докази“, наведува Бубевски, додавајќи дека „записник за тие материјали постои и тој е дел од доказите во предметот ‘Таргет-Тврдина’“.

Тој оценува дека Кадриу, од позиција на поранешна обвинителка, се обидува да го загрози неговиот професионален интегритет и да влијае врз неговото извршување на јавнообвинителската функција.

„Ќе ги искористам сите законски механизми за заштита, како што веќе направив и поднесов тужба и за лагите изнесени од уште еден адвокат – поранешен обвинител“, посочува Бубевски.

На крајот, тој изразува очекување дека во судска постапка ќе се утврди вистината.

„Очекувам во судска постапка да се докаже вистината наспроти лагите со кои ‘храбрите’ поединци ја манипулираат јавноста“, се наведува во реакцијата на јавниот обвинител Гаврил Бубевски.


Слично

Поврзани вести