БРЗИ АНТИГЕНСКИ ТЕСТОВИ ВО СКОПСКИТЕ ПОЛИКЛИНИКИ: Граѓаните нема предолго да чекаат за тестирање за ковид
Во три скопски
поликлиники веќе од денеска, матичните лекари ќе имаат можност на нивните
пациенти да им закажуваат тестирања за ковид-19 со брзи антигенски тестови.
Здравствените власти се одлучија на ваков чекор по силните реакции на граѓаните
кои уште пред новогодишните празници, поради немање термини за ПЦР-тестирања во
центрите за јавно здравје мораа тестовите да ги плаќаат по многу повисоки цени
во приватните лаборатории или можеа да се одлучат за брз антигенски тест чија
цена е околу 900 денари. За голем дел од нив, и оваа цена е превисока, заради
што бројката на новозаразени во ниту еден момент не беше реална.
Матичните лекари во неколку наврати за Фактор потенцираа дека пациентите, знаејќи какви симптоми имаат, купуваа брзи тестови за домашна употреба од аптеките, со што самите си потврдуваа дека се заразени со вирусот, но не влегоа во официјалната статистика за ковид. Поради ваквите проблеми и со цел да се растоварат гужвите, на три пункта, односно во поликлиниките Ѓорче Петров, Идадија и Битпазар од денеска ќе се прават тестирања за Ковид-19 со брзи антигенски тестови.
-Станува збор за официјални брзи антигенски тестови, односно во случај пациентот да е позитивен на корона вирусот ќе добие решение за изолација, исто така резултатот влегува и во ковид сертификатот, кој сега трае 180 дена, што значи доколку некој патува, а треба да има официјален документ за прележана болест, овој тест ја има истата важност како и ПЦР-тестот. Тестирањата ќе бидат од 8 часот до 11, и најверојатно, барем за почеток ќе има по околу 35 закажувања.Тестовите се квалитетни, тие се од американската компанија Абот, всушност се истите со кои располагавме пред отприлика година и пол. Имаа огромна сензитивност на вирусот, што значи дека се навистина прецизни, доколку некој е позитивен, тестот ќе го покаже тоа. Значи целта е да се намали притисокот, односно да им се даде можност на граѓаните да не мора да се тестираат во огромен број во приватните лаборатории, вели за Фактор директорот на Здравствен дом-Скопје, проф.д-р Виктор Исјановски.
Инаку, одлуката за брзите антигенски тестови ја соопшти вчера претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски кој истовремено најави дека се планира и отворање на пунктови и во центрите за јавно здравје.
Со оглед дека бројката на новозаразени меѓу децата до 14 години е зголемена, Петличковски апелира до учениците и до родителите да го прифаќаат тестирањето.
-Апелираме и до учениците и до родителите да го прифаќаат тестирањето, да бидат поодговорни кон тестирањето. Дополнително планираме отворање пунктови во центрите за јавно здравје со цел тој период кој го воочивме како предолг за закажување на тестирање да го скратиме, истакна Петличковски.
Анита Буховски
