БРЗА ХРАНА: Како се хранат учениците во Македонија, како во Хрватска?
Пред стартот на новата учебна година Хрватска воведува нова училишната шема за бесплатни оброци кои се состојат од овошје, зеленчук и млеко за сите деца во основните училишта. Програмата е поддржана од Европската унија, а за нејзина реализација се обезбедени 2,6 милиони евра од европските фондови. Хрватските власти очекуваат дека на овој начин ќе се зголеми свеста за заштита на здравјето од најмали нозе, а од друга страна ќе се подобри образовната димензија на многу популарните мерки на ЕУ. За бесплатни здрави оброци во училиштата, Европската комисија обезбедила 250 милиони евра, од кои само за финансирање на програмите преку училишната шема на Хрватска и се доделени 1 720. 946 евра за овошје и зеленчук, а 800.354 евра за млеко и млечни производи.
Според оваа програма, државите членки можат во рамки на тематските образовни мерки да вклучат и други земјоделски производи како што се маслинките, маслиновото масло и медот. Изборот на производите се темели на здравствените и еколошките фактори, сезонската достапност на производите, разновидноста и расположливоста на приоритетните производи.
Примената на оваа нутритивна програма има посебни услови кои се пропишани за овој начин на исхрана. Па така, производите не смеат да содржат засладувачи и супстанции за зголемување на вкусот и со тоа треба да имаат што помалку шеќери, сол и масти.
“Важно е децата да се хранат здраво и да јадат домашни локални производи. Воедно на овој начин училиштата ги отвораат вратите и за земјоделците и стануваат нов пазар што не е занемарливо ако се земат во предвид штетите кои хрватските земјоделци ги претрпеа поради руското ембарго и елементарните непогоди”- појаснува хрватската претставничка во Европскиот парламент Маријана Петир со чие залагање Хрватска доби субвенции од ЕУ за здрави оброци во училиштата.
Европската комисија го прифати предлогот намирниците да се снабдуваат преку локалните производители бидејќи млекото, овошјето и зеленчукот кое стигнувало во училиштата било често преку големи добавувачи, а многу малку од домашни земјоделци. Поголемиот дел од производите кои завршувале во училишните кујни бил од увоз што е спротивно на идејата за здрави оброци - додава Петир. Таа напоменува дека уредбата освен млеко и млечни производи, овошје и зеленчук опфаќа и употреба на други локални производи во менито на училиштата.
Оваа идеја е прифатена од хрватските министерства за образование и земјоделство. На идејата и претходеле интензивни договори и средби со директорите на училиштата
Република Хрватска поради образовните критериуми досега била оневозможена да учествува во програмата за користење на субвенции од Европската унија за здрави оброци во училиштата: Интервенцијата на претставничката Петир во Европскиот парламент ги надмина пречките и Хрватска на овој начин добива можност да учествува во програмата со која е предвидено оброците за учениците од основните училишта да бидат бесплатни, а производите да се набавуваат од локални производители.
Како се хранат учениците во Македонија?
Нутриционистот Цвета Динева за Фактор вели дека во земјава има пионерски чекори во едукацијата за значењето на здравиот начин на исхрана кај добар дел од населението, но сепак во предшколските и школските установи сеуште отсуствува конкретно решение за вметнување на здрави оброци за учениците. Храната која се конзумира наместо на свежа вели се сведува на брза храна, сендвичи и прозводи полни со шеќери и масти.
“ЕУ дава средства наменски за свежа храна поодамна и во други членки, најверојатно посиромашните на ЕУ-Португалија, Шпанија, Романија.Секако дека имам позитивен став кон оваа иницијатива, а кога ќе станеме членки на ЕУ се надевам дека истата програма ќе се применува и кај нас. Инаку би било добро нашата држава да спроведе таква иницијатива.Во последните неколку години сметам дека состојбата со здрава исхрана во градинките е подобрена но не доволна. Јас лично сум држела предавање за здрава исхрана на родителите, децата и вработените во неколку градинки во Скопје, а во Крива Паланка и во основното училиште “Јоаким Осоговски”- додава Динева.
Интересот вели е голем но сепак се потребни институционални мерки за едукација и спроведување на посебни нутритивни програми уште во првите години од образовниот процес. Оттука според неа не треба да не зачудува фактот што последниве години децата имаат проблеми со дебелината и здравите животни навики.
“Дефинитивно дебелината кај децата се должи пред се на нездравиот начин на исхрана, но и недвижење, и пореметен био ритам, легнување по 22час и станување по 10часот.Во училиштата или околу нив сеуште постојат сендвичари во кои најчесто децата купуваат брза храна што е една причина за дебелеење и болести кај децата. Секако дека треба да се спроведе добра стратегија за здравиот начин на исхрана на основците и средношколците, но и во градинките да стане задолжителен сегмент од растот и развојот и образовниот процес. Потребна е институционална соработка од страна на одредени министерства како ресорното за труд и социјала , агенцијата за храна но и соработка со навистина стручни нутриционисти.Моја порака е да се превземат што поскоро брзи мерки и чекори од страна на државата за да се спроведе дури и факултативен предмет-ХИГИЕНА НА ИСХРАНА во училиштата , но и стратешки да се смени исхраната во градинките и училиштата”- потенцира нутриционистот Динева.
Синергијата мегу родителите и воспитните установи во решавање на проблемот-здрава исхрана според неа е вистинскиот клуч за решавање на овој многу сериозен здравствен но и општествен проблем.
Дебелината е сериозен проблем особено кај младата популација. Според студијата на Институтот за јавно здравје, со зголемена телесна тежина се дури 36,1 отсто од децата, а од нив дебели се 17,9 отсто. Истражувањата кај нас покажале дека Македонците имаат повисока телесна тежина од просекот во Европа. Имено, повеќе од половина скоро 52 отсто возрасни Европејци имаат прекумерна тежина, а 17 отсто се дебели. Во Македонија дебели се 18 отсто од граѓаните. Дебелината се поврзува со многу болести, меѓу кои болести на срцето и на крвните садови, на органите за варење, дијабетес или шеќерна болест и хормонска нестабилност. Лекарите предупредуваат дека иако сѐ повеќе млади се занимаваат со физичка активност, тоа не е доволно. Повеќето европски земји во справувањето со дебелината воведоа т.н. „данок за маснотии“. Тоа значи дека одредени продукти се повеќе оданочени, а тие пари одат за превенција на болести поврзани со дебелината. Такви производи се продаваат во Унгарија, Франција, Финска, Данска. Англија го најави во 2015 година, а данокот од годинава ќе стартува најмногу кај пијалаци со зголемен шеќер.
С.Б.