БРОЈОТ НА НОВОРОДЕНЧИЊА СЕ НАМАЛИЛ, А СЕ ЗГОЛЕМИЛЕ УМРЕНИТЕ - негативниот природен прираст продолжува
Од почетокот на годината Македонија повторно бележи негативен природен прираст, при што разликата меѓу новородените и умрените во земјава достигнува 1.872 лица.
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од 2025 година бројот на живородените деца е 3.526, и во споредба со истиот период од 2024 е намален за 2,9 отсто.
Од друга страна, бројот на умрените лица во првото тримесечје од 2025 година бележи зголемување од 3,8 проценти во споредба со истото тримесечје од 2024 и изнесува 5.398 лица, а од нив 15 се умрени доенчиња.

Природниот прираст е негативен и изнесува -1.872, што значи дека за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица.
Во ова тримесечје од годината се склучени 1.846 бракови и нивниот број е намален за 25,8 отсто во споредба со истиот период од 2024 година.
Регистрирани се 465 разведени бракови, што претставува намалување од 22,1 процент во споредба со истиот период од 2024 година.
