БРОЈОТ НА НЕВРАБОТЕНИ „ГОРЕ – ДОЛЕ“: во летните месеци забележан нов раст, загрижува невработеноста меѓу повозрасните
Бројот на невработени лица во земјава од месец во месец се менува, а по подолг период кога беше забележан пад на невработените во нашата држава, летово бројките повторно добија нагорна линија.
Од 94 и 300 илјади невработени во месец мај, во јуни нивниот број се зголеми на над 97 илјади. Сепак, во јули повторно се намали на 96.618 лица, покажуваат податоците на Агенцијата за вработување.
Со тоа бројот се изедначи како на почетокот на годината, кога исто така имавме над 96 илјади невработени сограѓани.
Зачудува фактот што невработеноста расте во летните месеци, кога вообичаено се намалувала поради сезонските работни места.
Бројките говорат дека ако на почетокот на годината имало невработени над 96 илјади граѓани, кои во февруари се зголемиле на над 97 илјади невработени, во март се намалиле на 95 илјади невработени. Веќе во Април и Мај нивниот број се намалил на 94 илјади граѓани невработени, за во јуни да се зголеми на над 97 илјади.
Бројките покажуваат дека лицата на возраст над 55 години најтешко можат да најдат нова работа во случај да станат невработени. Групата на граѓани на возраст меѓу 55 и 59 години е најбројната група меѓу невработените пријавени граѓани во Агенцијата за вработување на Македонија.
Па така според последните податоци за месец јули, во оваа категорија имало 13.618невработени граѓани, а веднаш по нив се лицата над 60 години каде имало 12.328невработени.
Бројките говорат дека иако се намалува вкупниот број на невработени во земјава, најпроблематично е да се најде работа за постарите лица.

Меѓу групите со поголем број невработени лица се и граѓаните над 50 години. Во групата од 50 до 54 години има 11.981 невработени граѓани, додека пет години помладите или во групата од 45 до 49 години има 11.356 баратели на работа.
Бројот на граѓани кои бараат работа, а се во групата од 40 до 44 години се вкупно 9.710 лица, додека оние на возраст од 35 до 39 се 9.405 баратели на работа. Уште помалку има во групата од 30 до 35 години, таму невработени се 9.012 лица, а следните од 25 до 29 години бројат 8.893.
Последни и најмалку на број се лицата на возраст од 20 до 24 години, каде има 8.272 невработени, како и групата од 15 до 19 години каде има 2.043 невработени, кои разбирливо се најмалку на број поради фактот дека најголем дел се уште се средношколци.
П.О.
