ДЗР УТВРДИ БРОЈНИ СЛАБОСТИ ВО РАБОТЕЊЕТО НА ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ГРАДЕЖНИШТВО - нема докази дека вработените оделе на работа
Државниот инспекторат за градежништво и убранизам со години работи без директор, и оваа функција ја водат вршители на должност, утврдија ревизорите од Државниот завод за ревизија, кои со извршената ревизија воедно утврдија и бројни неусолгасености и проблематични аспекти во работењето на ова тело.
- Ревизијата истакнува дека последен пат директор на ДИГУ е именуван во 2018 година со Решение од 20.02.2018 година и истиот е разрешен на 15.05.2018 година30. До моментот на вршење на ревизијата, функцијата на директор ја обавуваат вршители на должност назначени со Решенија31 од страна на Владата и тоа за периоди подолги од шест месеци, со што се создава ризик раководењето со ДИГУ да биде извршувано од страна на лица кои не ги исполнуваат законски дефинираните услови - се посочува во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Дополнително од ДЗР информираат дека бидејќи функцијата директор ја вршат вршители на должност подолго од законски дозволениот рок од шест месеци, според Заводот, создава ризик раководењето со ДИГУ да биде извршувано од страна на лица кои не ги исполнуваат законски дефинираните услови.
Деталите од ревизијата со која е направен и проверака на финансиските извештаи откриваат и слабости во процесот на вршење попис на средства и изворите на средства, неизвршена процена на пазарната вредност на градежните објекти, како и слабости во процесот на пресметка и исплата на плата.
Исто така, ДЗР констатирал несоодветен начин на организација на инспекцискиот надзор од областа на урбанизмот и недоставени шестмесечни извештаи за податоците што се однесуваат на постапувањето по претставките и предлозите.
Ревизорите имаат забелешки и за евидентирањето на работното време на вработените во инспекторатот.
- За начинот на регистрирање и евидентирање на работното време, од страна на одговорното лице на ДИГУ донесена е Одлука21 според која евиденцијата на времето поминато на работа се води во софтвер за евиденција на работно време и листи за присуство на работно место, за што е задолжено лице од Одделението за управување со човечки ресурси, а за контрола на спроведувањето на оваа Одлука, директорот назначува лице со посебен акт.
Од извршениот увид во начинот на пресметка на плата и евиденцијата за работно време, ревизијата ги утврди следните состојби:
- евидентните листови не се своерачно потпишани од страна на сите вработени, со што не се обезбедува потврда за нивно редовно присуство на работа;
- поставена е опрема за електронска евиденција на работно време за која сите вработени располагаат со бесконтактна картичка. Електронскиот систем за евиденција е користен само во период од месец ноември до месец декември 2024 година и истиот не дава точни податоци за присуството на вработените лица;
- во текот на 2024 година не се преземени мерки за поведување на дисциплинска неуредност и дисциплинска одговорност за непочитување на работниот процес согласно точка 5 од Одлуката и
- од страна на одговорното лице не е донесен акт за овластување на лице за контрола на спроведувањето на Одлуката, предвидено во точка 8 од истата - се укажува во извештајот на ДЗР.
Од таму додаваат и дека Ваквата пракса во работењето не обезбедува доволен доказ дека исплатата на платата во ДИГУ за сите вработени лица се врши врз основа на реално одработени часови и присуство на работното место, притоа во целост почитувајќи ги законски утврдените 8 часа на ден, односно 40 работни часови неделно, што не е во согласност со Закон за работните односи.
Било укажано на слабости во процесот на меѓусебна соработка и координација на органите при постапување по претставки и предлози, како и сериозен недостиг на инспектори во ДИГУ што може да доведе до намалена можност за ефикасен инспекциски надзор во областа на градежништвото и урбанизмот.
