Бројчаникот беше сон, ќе стане ли конечно реалност?
Адут во рака на сегашниот премиер Зоран Заев кој додека ја водеше кампањата за предвремените парламентарните избори во 2016 меѓу останатото беше и бројчаник кој ќе регистрира кога ќе се вратат народните пари кои, како што тврдеше се украдени во текот на владеењето на претходниците.
Како почна се ...
На 22 ноември 2016 година, во предизборието за предвремените парламентарни избори (декември 2016), тогашниот претседателот на СДСМ Зоран Заев и во тоа време лидер на опозицијата, на партискиот митинг во скопската општина Аеродром вети дека украдените народни пари ќе бидат вратени назад на државата и дека тоа ќе го регистрира бројчаник поставен на „Порта Македонија“ во Скопје. Но, две години по доаѓањето на власт на СДСМ и изборот на новата Влада предводена од Заев, бројчаник, кој би покажувал колку од нелегално стекнатиот имот преку криминални активности е конфискуван, се уште не е инсталиран.
„Според постојните закони во Македонија, предвидено е од кривично дело, докажано со судска пресуда, каде што има украдени пари или имот, ако се пронајдат, тие да се конфискуваат. На триумфалната капија ќе поставиме бројчаник и кога Агенцијата за запленет имот ќе продаде имот и ќе врати пари во буџетот, бројчаникот ќе заврти. Тоа ќе биде споменикот со кој ние ќе придонесеме кон сите споменици во централниото јадро на нашиот главен град. Тоа е доказот дека сè што е украдено ќе се врати во оваа држава. Јас верувам дека има можности за да се соберат докази и за да се врати голем процент од она што е украдено“, велеше Заев во речиси сите јавни дебати и појавувања во медиуми.
Заев и сам ќе го купуваше едно време
Во едно интервју премиерот Заев рече дека ако треба и самиот ќе го купи бројчаникот.
„Јас лично од мојата плата, од моите приходи ќе го платам бројчаникот и ќе го закачам на Триумфална. Такви пари во буџетот немам, па затоа од лични пари ќе го купам. Бројчаникот ќе биде поставен кога во правосудството ќе паднат првите пресуди и парите кои се украдени ќе бидат вратени“, кажа Заев.
На Триумфалната капија бројчаник ќе регистрира кога ќе се враќаат украдените пари-убедуваше и Кире Наумов
Претседателот на Комисијата за финансии и во тоа време дополнителен заменик министер за финансии, Кире Наумов, при една посета на Крушево, исто така, порача: Ќе гледате на бројчаник како ги враќаат вашите украдени пари.
Сонот ќе стане реалност?
Деновиве се актуелизира ова прашање. Јавноста постојано прашува до каде е реализацијата, но извори на Фактор велат дека поставувањето на бројчаникот ќе биде набрзо.
Инаку, ваков сличен бројчаник има во Њујорк, во близина на Тајмс сквер, но и интернет страница на која се одбројува националниот долг на САД.
И. С.
