БРАТОТ И ВОЈВОДАТА: Заедно ќе го рушат Груевски, или ќе бидат во различни ровови?
Ќе се повтори ли историјата, братот
и војводата повторно да бидат заедно. На повидок е разгорување на „љубовта“
меѓу Љубе Бошкоски и Љубчо Георгиевски. Тие најавија
заеднички настап на изборите на 11 декември со заеднички листи во опозицискиот
блок. Оваа коалиција која начелно ја договориле двајцата лидери на Обединети за
Македонија и ВМРО-НП, пред да се официјализира треба уште да помине низ
партиските органи, за што има променливо расположение. Дел влечат кон
ВМРО-ДПМНЕ, дел кон десничарската опозиција.
ВМРО во срцето, но не и ДПМНЕ
Бошкоски и Георгиевски заедничката соработка ја започнаа како сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ, а денес е можно да ја продолжат секој со својата партија. Брат Љубе по парламентарните избори во 1998 година и победата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Љубчо Георгиевски, беше именуван за заменик на директорот на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање (ДБК).

Заедно со тогашниот премиер Георгиевски ја минаа војната, а остана заедно и потоа кога ВМРО-ДПМНЕ изгуби на парламентарните избори во 2002. Бошкоски кариерата ја продолжи како пратеник, но две години потоа почнаа да го прогонуваат кошмари од минатото. Како осомничен за поттикнување убиство во случајот Раштански лозја во кој беа убиени шест пакистански и еден индиски државјанин му беше одземен имунитетот. На товар му се стави и Љуботен и убиството за 10 цивили, за што по барање на судот во Хаг беше однесен во затворот Шевенинген.

Брат Љубе се врати во Македонија, но не и во ВМРО-ДПМНЕ
По четири години минати во занданата во Хаг, Трибуналот во 2008 година го ослободи Бошкоски од обвинение и тој се врати во Македонија. Незаборавни се сцените кога тој слезе од авионот, ја бакна земјата, а потоа се изгушка со тогашниот премиер Никола Груевски кој му организираше „кралски“ дочек.
Бошкоски имаше првична намера повторно да се приклучи кон ВМРО-ДПМНЕ, но не најде заеднички јазик со Груевски, по што се дистанцираше од партијата. На Претседателските избори во 2009 година тој се кандидараше како независен кандидат и освои 146.878 гласови. По изборите на 29 мај 2009 година, ја формираше своја партија „Обединети за Македонија“.

Нови избори, нови флертови
Георгиевски сега е на крстопат. Груевски му намигнува, Бошкоски му праќа ишарети. Во наредните денови ќе се знае кој пат ќе го фати. Дали ќе ја прифати примамливата понуда од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ која му ветува министерски и директорски места или пак онаа на Обединети за Македонија и Достоинство кои ќе се обидат да го победат Груевски. Избори и се е можно.
Ј.М.
