„БРАТ ДА МИ Е, ЌЕ ОДГОВАРА - Е НАЈГОЛЕМАТА ЛАГА“: остри критики против министерот за внатрешни
„Брат да ми е ќе одговара“ велеше министерот Тошковски. Епа еве еден брат, на градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски од ДПМНЕ. Фатен на радар како лета по улиците среде град, го стопирала полиција да го казнат за брзо возење. Се јавил во МВР и го пуштиле.
Живи бевте фатени па излегувате на телевизија да кажете дека сте го признале скандалот. Па уште отишол во станица сам се пријавил братот на градоначалникот Стефвкоски, откако видео се објави од него тогаш му проработе моралот демек.
Граѓаните не се наивни — да не го објавеше СДСМ скандалот, ќе го криевте и натаму, ниту ќе го признаевте, ниту ќе бил било кој санкциониран за ова. Функционерите на ДПМНЕ, нивните браќа, сестри и роднини не ги почитуваат законите, а тоа им го овозможува првиот човек на МВР.
Ова денеска во Собранието го кажа пратеникот од редовите на СДСМ Миле Талески за време на седницата на која се дискутираше за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. .Бројни критики беа упатени денеска против него, особено за неговата работа и ветувањата дека нема да има селекција во постапувањето на вработените во МВР.
- Скандалот со братот на градоначалникот Стефковски го покажа распадот на системот во МВР, „брат да ми е ќе одговара“ е најголема лага на Тошковски, рече пратеникот на Талески во денешната дискусија во Собранието.
Талески најпрво укажа дека Тошковски е 15 месеци министер во МВР, и во овие месеци министерството го претворил во комплетно нефункционално министерство, со најголем број скандали, каде што преовладуваат селективноста, неказнивоста и целосно е нарушена безбедноста на граѓаните.
- Глас ЗА интерпелација на министерот Панче Тошковски не е прашање на политика, туку прашање дали ќе опстои државата, дали ќе има правда, безбедност и сигурност.
Безброј аргументи и факти го потврдуваат тоа.
И не е само истрагата за трагедијата во Кочани, која одзеде толку многу животи, иако непобитен факт е дека МВР потфрли на повеќе основи дента на пожарот како институција со клучна улога во обезбедувањето.
Не бил направен оперативен план, не бил обезбеден просторот, не бил затворен објектот иако во него било регистрирано присуство на малолетници, не се реагирало за пиротехнички средства и многу други пропусти.
Голем број осомничени, приведени и притворени лица од трагедијата во Кочани до денес е со цел да се разводнат сите случаи и да се одолговлекуваат до бескрај, да се создаде привид дека МВР и Владата се борат против криминалот и корупцијата. Но не е така. Ова е тежок популизам, препознатлив за ВМРО-ДПМНЕ. Но, ајде да ја почекаме истрагата за да видиме дали и кој од надлежните командири, началници и заменик-командири на полицијата ќе бидат опфатени и кој ќе понесе одговорност - кажа Талески од говорницата.
Потоа праша „дали началничката на ОВР Кочани, Марија Цветковска-Маневска, дали началникот на криминалистичката полиција во Кочани, Томо Донев, дали началникот на СВР Штип, како и раководителите на крим-полицијата?
Ама морална одговорност мораше да има после толку пропусти — од човекот којшто е прв и најповикан во таа институција, а тоа е министерот Панче Тошковски“, нагласи тој.
- За жал, најголемата трагедија во Кочани не е единствениот црн момент што ѝ се случи на Македонија откако ДПМНЕ ја презеде власта.
Државата е претворена во Див Запад. Македонските улици се небезбедно место, каде сред бел ден се случуваат криминални пресметки, убиства, палења на коли.
Дури и пред полициски станици, како што беше случајот на Бит Пазар пред некој ден.
Ниту има превенција, ниту безбедносен систем, ниту ефективни истраги против криминалот и корупцијата.
Во мојот град, Прилеп, исто така е катастрофална ситуацијата.
За време на мандатот на Тошковски, во Прилеп се запалени 24 возила, опожарен е ноќен клуб, во двор од куќа е фрлена бомба, во друга е поставена експлозивна направа, а угостителските објекти станаа мегдан за насилство и оружени пресметки - укажа Талески.
Тој се осврна и на кривичните пријави за граѓани поради објави на Фејсбук, укажувајќи дека се изживуваат врз народот, им се закануваат на родителите од Кочани, а криминални банди хараат по македонските улици.
Потоа потсети на безбедносниот скандал на скопскиот аеродром, каде што лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието се закануваше со пиштол и нападна полицаец. Потсети и на „организираното пуштање на слобода на Блерим Рамадани, баран со меѓународна потерница“.
- Бодигардот на премиерот тепаше полицаец пред угостителски објект во Скопје, а Тошковски целосно го ослободи од одговорност.
Другиот бодигард на премиерот беше фатен во мега скандал со продавање службена тајна. Ова е тотален распад на безбедносниот апарат.
И уште еден аспект ќе спомнам — неказнивоста на функционерите на ДПМНЕ.
Панче Тошковски во македонското собрание велеше: „Брат да ми е – ќе одговара“. Епа, еве еден брат, господине Тошковски. Братот на градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, секако од ДПМНЕ, фатен на радар како вози пребрзо среде град, го сопрела полицијата да го казни, се јавил во МВР и го пуштиле.
Сега, откако беа живи фатени, излегувате на телевизија и велите дека го признавате скандалот.
Граѓаните не се наивни – да не го објавеше СДСМ скандалот, ќе го криевте и понатаму. Ниту ќе го признаевте, ниту ќе беше санкциониран било кој за тоа.
Функционерите на ДПМНЕ, нивните браќа, сестри и роднини не ги почитуваат законите, а тоа им го овозможува првиот човек на МВР – Панче Тошковски - истакна Талески.
Потоа порача „доста беше, господине Тошковски. Време е за одговорност. Затоа, глас ЗА интерпелација на Тошковски е глас за враќање на законите на улиците, за враќање на безбедноста, за враќање на мирот и спокојот на граѓаните“.
Еве го целото обраќање на Талески:
Фото: Принтскрин/Фејсбук
