БРАНКО ЦРВЕНКОВСКИ ЈА ИСКРИТИКУВА ЕВРОПСКАТА УНИЈА - не можат да се договорат ни за помошта на Украина, ни за ништо друго
Поранешниот претседател Бранко Црвенковски промовира иницијатива за пристап до заедничкиот пазар и до европските фондови, но не како алтернатива за полноправно членство, туку како меѓучекор.
Една варијанта, според него, е да се искористи постоечката Европска економска област, а втора можност е ЕУ да потпише нов посебен договор со сите земја од Западен Балкан посебно.
„Европската Унија нема јасен план што ќе прави самата со себе, а како резултат на тоа ниту што ќе прави со Западен Балкан. Ве недостиг на јасна стратегија постојано слушаме едни исти мантри: од страна на ЕУ дека останува политиката на „отворени врати“, а од страна на земјите од регионот дека полноправното членство во ЕУ е единствената опција за која не постои алтернатива. Кои би биле бенефитите од прифаќањето и реализацијата на една ваква иницијатива? Земјите од регионот би ги подобриле своите економски перформанси, а со самото тоа би биле поподготвени за полноправно членство. Европската Унија би го зајакнала својот кредибилитет и влијание во регионот и би ги елиминирала сите опасности од неевропски и антиевропски влијанија. Нема што да загубиме. Кои се начините за постигнување на оваа цел? Една варијанта е да се искористи веќе постојната Европска економска област, а дека членството таму не е никаква кочница за полноправно членство во ЕУ говори примерот на Австрија, Финска и Шведска кои во 1995 година како поранешни членки на ЕФТА станаа полноправни членки на ЕУ. Втора можна варијанта со која би се избегнале сложените процедури за прием на нови членки во ЕЕо, а би се овозможил пристап до европските фондови е доколку ЕУ потпише нов посебен договор со сите земји од Западен Балкан истовремено“, објаснува Црвенковски.
Поранешниот претседател вели дека во однос на преговорите, Црвенковски забележува дека ништо не се сменило за цела една година.
„Таму каде што бевме лани, се наоѓаме и денес, без видлив и сериозен напредок. И тоа не се однесува само за Македонија, туку и за другите земји од регионот, без разлика дали ќе го нарекуваме Југоисточна Европа или Западен Балкан. Единствен исклучок можеби е Албанија за која беше донесена одлука за почеток на преговорите. Ние ги отворивме, но не ги почнавме преговорите. Како што стојат работите, тешко е да се предвиди дали и кога тоа ќе се случи. БиХ доби кандидатски статус, но со 14 услови и без право да ги користи европските фондови. На Косово заради збиднувањето на северот му се закануваат дури и санкции од страна на ЕУ и САД. Посебна приказна се Србија и Црна Гора, држави кои преговорите со ЕУ ги почнаа пред цели 9, односно 11 години. Токму со образложение дека процесот на преговори со нив тече бавно, пред 3 години Франција предложи, а останатите земји-членки прифатија нова методологија за водење на преговорите. Да се потсетиме дека токму поради тоа, а не поради бугарското вето, Македонија не ги почна преговорите со Унијата“, рече Црвенковски.
Амбасадорската трибина „Северна Македонија помеѓу Отворен Балкан и Берлинскиот процес – можно ли е побрзо членство во ЕУ?“ беше организирана од страна на Здружението за надворешна и меѓународна политика Совет на амбасадори и Кабинетот на поранешниот претседател Бранко Црвенковски.
А, интересно беше тоа што Црвенковски го кажа на стартот на своето обраќање.„Подготвувајќи се за денешниов настан покрај некои други материјали го прочитав уште еднаш и моето обраќање пред вас од мај минатата година. Што заклучив? Дека, за жал можам да го прочитам истиот текст и денес и ништо битно нема да пропуштам“, нагласи Црвенковски.
Според него, во креирањето на нашите политики во однос на евроинтеграциите мора да го имаме предвид и поширокиот контекст, а не се да се сведува само на проблемот со Бугарија.
„Фактите говорат дека интеграциите во однос на целиот регион на Западен Балкан се во застој со повремени мали исчекори. Според мене, барем во овој момент не постои простор за некаков поголем оптимизам ниту за наредниве неколку години. Мора да признаам дека за мене се прилично нелогични и без реална поткрепа изјавите без разлика од каде и од кого доаѓаат дека ако сега ги отпочнеме преговорите за 4, 5 или 7 години ќе станеме полноправна членка на Унијата. Или дека војната во Украина создава нов моментум кој ќе го забрза процесот на проширување. Можеби грешам, но гледајќи ја поделеноста во Унијата и колку тешко доаѓаат до единствен став во однос на битни прашања поврзани со војната, како на пример санкциите кон Русија, воената помош за Украина, начините како да се справат со енергетската и економската криза како последица од војната, се плашам дека тоа ќе го зголеми скептицизмот, а не ентузијазмот за проширување на Унијата. Впрочем, одредени истражувања на јавното мнение во повеќе земји-членки на Унијата тоа и го потврдува“, рече, меѓу другото, Црвенковски.
