Божин Павловски: Додека не го проплукаме мајчиното млеко ќе бидеме уценувани
Писателот Божин Павловски по случувањата околу изјавата на премиерот Зоран Заев за Илинден, и подоцнежното извинување до бугарските власти реагираше на Фејсбук.
Павловски пишува дека претседателот на Бугарија, Румен Радев јасно даде на знаење каков ќе биде квалитетот на договорите што ги прави премиерот.
,,Додека не го проплукаме мајчиното млеко затоа што сме создале македонска држава наспроти бугарската историографија, ќе бидеме уценувани со тие блокади за влез во НАТО и ЕУ. Дадовме шанса една исто така мала држава на Балканот да се изживува со нас заради нивните пусти Санстефански соништа“ - напиша Павловски на својот профил на Фејсбук.
Тој прашува дали и Грција ќе постапува на ист начин, односно дали договорот од Преспа е само почеток на уцените, стравувајќи дека курбан ќе оди името на нашиот јазик заедно со кодот.
„Во договорот јасно е нотирано дека Македонија останува во Грција, наспроти Северна Македонија. Значи дека ќе следува диференцирање на македонското од северномакедонското. И како ќе се владее Албанија кога ќе се отвори Уставот? Се разбира, исполнување на сите желби од Тиранската платформа или тргнување на чергата од под нозете на Заев. Распад на владината коалиција. Најмалку што ќе побараат тие е Северна Македонија да биде земја на два народа. Дотука е играта дека се залагаме за граѓанска држава. Мораше ли Заев да си го потроши својот мандат на овој начин? Импресивен би бил неговиот успех кога би си имал работа со искрени партнери. Но, за жал, ние за половина век живот во Федерацијата не совладавме ниту еден проблем ни со Грција, ни со Бугарија, па ни со Албанија. Оставивме времето да ги залечи раните, откако стопати се обидовме да се договориме. Ако не му се верува на Заев дека Република Македонија правела многу обиди, нека оди во Државниот архив за да ги согледа фактите“ - пишува писателот.
Тој прашува зошто Заев не им даде предност на своите предизборни ветувања, туку влета право во канџите на пропагандите. Не сака да верува дека тие го донесоа на власт за да им служи.
