Бочварски смирува: Рекордот на заболени е поради масовното тестирање во „Мода“
Багој Бочварски, градоначалникот на Штип, ја смирува јавноста по вчерашните бројки кои покажаа дека во град се регистрирани нови 60 случаи на позитивни на кови-19.
– Оваа бројка се должи на масовно тестирање на една текстилна компанија. Сопствениците приватно ги тестирале сите свои вработени коишто се преку 100 и заради тоа само во текот на вчерашниот ден од таа конфекција имаме 29 позитивни случаи, а останатите се од неколку други конфекции и нивни контакти. Во целата оваа ситуација добро е што во конфекцијата, каде што има повеќе случаи не работи од минатата сабота, или некаде осум дена, луѓето се дома. Така што тоа е една состојба со којашто можеме да очекуваме да не се случи големо проширување од овие луѓе, вели Бочварски.
Светиниколаксата конфекција „Мода“ вчера ги доби резултатите од скринингот кој го направи и истиот покажа дека позитивни на ковид-19 се уште осум новозаразени. Тоа значи дека во двете фабрики на компанијата сега има 53 случаи.
Бочварски за утре најави состанок со директорот на Клиничка болница-Штип, со цел да им помогнат и да дадат поддршка во справувањето со коронавирусот, но и да се најдат решенијата за справување со пандемијата од септември.
