Бошњаковски за името: Сакаме проблемот да се реши што побрзо и достоинствено
Сакаме проблемот да се реши што побрзо и достоинствено, а решението да биде заемно прифатливо и за двете страни, порача денеска портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски за спорот со јужниот сосед.
Тој вели дека работите за решавање на проблемот со името одат со предвидената динамика, а оптимизмот е на високо ниво.
Нашата Влада не разговара за идентитетот, тоа не е предмет на преговорите, тврди Бошњаковски. Вели дека се свесни дека е многу тешко, но добро е за двете страни ова прашање да се затвори.
„Преговорите одат исклучиво преку медијаторот Метју Нимиц и ОН. Сѐ што разговараат министрите Димитров и Коѕијас и сѐ што е во насока да ги приближи ставовите за да се договориме оди преку филтерот на медијаторот Нимиц и се ќе биде на маса ставено исклучиво преку Метју Нимиц“ - изјави Бошњаковски.
Тој додаде дека Владата знае што прави, знае каде оди и знае што сака да направи за граѓаните.
„Ние не преговараме преку медиуми и не испраќаме пораки преку медиумите, туку даваме исклучиво насоки дека ставовите на двете страни се приближени, на маса постои документ врз основа на кој се преговара. Јасно е решението какво може да биде, но не исклучуваме ништо додека течат преговорите и секогаш кога имаме информација од интерес за граѓаните јавно ја соопштуваме“ - вели Бошњаковски.
Објасни дека „Ројтерс“ синоќа ја поправи нивната информација во интервјуто на премиерот Зоран Заев за четирите предлози со географска одредница, затоа што, како што вели нивните првично објавени информации беа неточни и погрешни.
