Бошњаковски: За Денот на независноста Владата ќе биде отворена за сите
Одбележувањето на Денот на независноста 8-ми Септември годинава ќе се одвива под мотото „Македонија слободна, слободна живее“.
Централното одбележување ќе се одржи пред и во Владата на Република Македонија на 7 септември во попладневните и вечерните часови.
„Владата ќе биде отворена за сите“- изјави денеска на прес-конференција портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.
Во рамки на централното одбележување кое опфаќа повеќе настани, обраќање ќе има премиерот и Зоран Заев.
Активностите по повод на Денот на независноста ќе се одвиваат три дена и тоа на 6, 7, и 8-ми септември.
На 6 септември ќе се одржи целодневен спортски настан на Кејот на реката Вардар во организацијата на Агенцијата за млади и спорт „трчај, игра, активирај се“ што опфаќа рекреативна атлетска трка, еколошка акција за чистење на Кејот, одбојка на песок, кајак, крос фит, искачување на карпа и скејт активности.
Утрото на 7 септември владина делегација составена од министрите Горан Сугарески, Роберт Алаѓозовски и заменик министерот, Дејан Павлески ќе ја посети реставрираната спомен куќа на Блаже Конески во село Небрегово.
Попладнето во 17:30 започнува централното одбележување на Денот на независноста. Пред и во Владата ќе бидат поставени интерактивни уметнички инсталации. На Платото пред Владата ќе биде изведена детската претстава „Маша и нејзината приказна“. На главната бина пред Владата, на Булевар Илинден Танц студиото Данцерс Унитед Мк ќе изведе инклузивен танцов настап на професионални танчари со типичен развој и со танчари со попреченост, а настап ќе имаат и Гудачкиот квартет – ВИВА стинг, Хорот при Македонската Опера и Балет, Биг Бенд на Здружението на џез музичари на Македонија, Љубојна со специјалниот гостин Џамбо Анѓушев, Бени и Нон Стоп со Златко Ориѓански, Влатко Стефановски Трио, Кпурдат, Шутка Рома Рап и Слаткаристика.
На 8 Септември на Денот на независноста делегација предводена од претседателот на Владата Зоран Заев на гробиштата во Бутел ќе положат цвеќе на вечните почивалишта на Киро Глигоров и Борис Трајковски. Делегација предводена од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ќе положи цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“, а во организација на Министерството за одбрана во крупево ќе се организира искаќување на Бушева Планина „Заедно кон врвот“.
Денот на независноста се совпаѓа со 100 дена од изборот на новата Влада.
