Бошњаковски: Направена е грешка во Службен весник со потписот на Иванов
Миле Бошњаковски, портпаролот на македонската Влада, на денешната редовна прес-конференција призна дека Службен весник направил пропуст што му објавил потпишан указ на законски решенија на претседателот Ѓорѓе Иванов заведени под старото уставно име на Македонија.
Последните укази на законите кои Службен весник ги објави се потпишани од Иванов на 26 февруари, но под нив стои „Претседател на Република Македонија“. Според Бошњаковски, ова било грешка на Службен весник и дека не смеел да допушти тоа да го објави, бидејќи Македонија има ново уставно име а институцијата со која раководи Иванов е променета во „Претседател на Република Северна Македонија“.
- Да, тоа се има случено во Службениот весник. Констатирано е тоа што е направено дека е грешка. Во овој момент тече постапката, се прави специфичен увид. Откако ќе заврши таа анализа, би знаеле кои ќе бидат стриктните чекори околу пријавувањето на указите со старото име - рече Бошњаковски.
Иванов не се потпиша на последните 11 донесени закони за неговиот потпис во гласилото да не се најде над натписот „Претседател на Република Северна Македонија“ и ги врати на повторно гласање во Собранието.
