Бошков: Боки 13 бараше 2 милиони евра за да нема истраги против Митровски
Сашко Бошков, адвокатот и кум на бизнисменот Зоран Митровски, денеска како сведок на судското рочиште рече дека Бојан Јовановски, првоосомничен во случајот „Рекет“, побарал два милиони евра „за да му помогне“ на неговиот кумашин како обвинет во случајот „Поштенска банка“ на СЈО.
Боки 13 му рекол на Бошков, додека овој бил во неговата телевизија, да му пренесе на Митровски дека против него има уште четири истраги и дека треба да ја плати оваа висока сума на пари. Во телевизијата бил и синот на Катица Јанева, а Бошков таму гостувал во врска со емисија за кошаркарската федерација.
- Кога отидовме (во телевизијата), Боки ме праша дали се знам со Зоран Митровски, на што му одговорив дека ми е кум. Тогаш ме праша дали знам дека има неколку истраги во СЈО. Кога му реков дека е осомничен во Поштенска Банка, рече дека има уште неколку, уште четири. Ми рече дека може да помогне – рече сведокот и додаде дека потоа Боки 13 пред него се јавил на мобилен телефон, што алудира на тоа дека разговорот се одвивал со обвинетата Катица Јанева, тогаш специјална обвинителка на СЈо.
-Не знам со кого зборуваше, но се слушаше женски глас. Зборуваше дека добра и била фризурата, убаво изгледала, а за предметите не спомна ништо. Тогаш заврши и рече дека може да помогне ама треба да се плати 2 милиони евра. Тогаш на штипски му реков, ти разбираш ли ги парите, и се насмеав – истакна Бошков и додаде дека Митровски бил многу вознемирен кога му пренел и дека по некое време го пријавил случајот.
Сепак Бошков рече дека Митровски пријавил, но „тоа не било во МВР и Обвинителство' и дека никогаш не ги дал парите од рекетот.
